Берлин загрижен за повлекувањето на Барозо
27 октомври 2004Драматичното натегање околу новиот состав на Европската комисија предизвика во официјален Берлин загриженост за неспособноста на европските институции натаму нормално да функционираат. Канцеларот Герхард Шредер денеска во Берлин порача:
“Едно нешто секако не ни треба: судир на институциите во Европа. Тоа многу би не уназадило. Неопходна ни е силна Комисија способна за дејствување, токму во Европа проширена на 25 членки. Исто така потребна ни е добра соработка меѓу нејзините институции, а не судири, се едно од какви мотиви да се поттикнати“ - нагласи Шредер, додавајќи дека жали поради конфликтот меѓу новиот шеф на Европската Комисија и Европскиот парламент.
Помалиот коалиционен партнер во владата на Шредер, Партијата на Зелените, напротив не го криеше задоволството од попуштањето на новиот шеф на Европската комисија. Ова е добар ден за европската демократија, порачаа двајцата копретседатели на Зелените, Клаудија Рот и Рајнхард Битикофер. Повлекувањето на тврдоглавиот Барозо пред притисокот на евро-пратениците го поздравија и германските Либерали, а слично одреагира и претставникот на конзевративната опозиција, Петер Хинце. Но, неговиот сопартиец и шеф на парламентарниот одбор за Европски прашања, Матијас Висман, напротив нагласи дека сега Европа е фактички без раководство. Од старата Комисија на Романо Проди не можат да се очекуваат никакви натамошни импулси во тековните работи на ЕУ, нагласи Висман.