1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балак погоди, Германија слави

Елизабета Милошевска Фиданоска17 јуни 2008

Германија е во четвртфиналето на Европското фудбалско првенство. Капитенот Михаел Балак му ја донесе победата на тимот, кој во четврток силите ќе ги одмери со Португалија. Во групата Б, Хрватска беше подобра од Полска.

https://p.dw.com/p/EKt4
Михаел Балак погоди во вистински моментФотографија: AP

Притисокот беше огромен. 49 минути навивачите на германската репрезентација напрегнато чекаа и стравуваа. Кога капитенот Михаел Балак од слободен удар го погоди голот на Австријците, се случи експлозија на радост. Колони автомобили на улиците на германските градови со свирежи ја прославија победата на својот тим, се пееше и пиеше до доцна во ноќта. И на ВИП трибината на стадионот, каде седеа и германската канцеларка, Ангела Меркел и министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер - честитки и бакнежи. Резимето на Меркел гласи: „Па, австриската екипа не беше лесен противник. Австријците беа одлични домаќини и ова беше напрегнат натпревар, неизвесен до крајот.“

Малку за очите, но многу за срцето

Германија победи, но што се однесува до прикажаната игра, натпреварот не донесе многу. Немаше кратки додавања, немаше офанзивен фубал, немаше спектакуларни акции на одделни играчи како на светското првенство пред две години. Tренерот Јоахим Лев, се обидува да објасни: „Имаше притисок, тоа можеше да се почувствува. По загубениот меч против Хрватска, барем се боревме и трчавме и покажавме добар учинок. Победивме и тоа е единственото нешто што се брои денес.“
Euro 2008 Österreich Deutschland Löw und Hickersberger
Хикерсбергер и Лев заминуваат на трибинитеФотографија: AP

Наредниот противник на Германија е Португалија, во четвртфиналето во четврток. Дали тренерот Лев воопшто ќе седи на клупата е неизвесно и ќе се решава допрва. Тој, имено, вчеравечер, заедно со австрискиот колега, Јозеф Хикерсбергер беше упатен од страна на судијата да седне на трибините. Иако, како што вели, не знае зошто: „Четвртиот човек на натпреварот се обидуваше да не‘ смири. Но, ние сме тренери. Ние сакаме да работиме во својата зона, да даваме упатства. Тоа е нашата задача. “

Домаќинот на првенството, Австрија, е елиминарана. Јозеф Хикерсбергер, сведува биланс: „Се разбира, сите сме разочарани што сме елиминирани. Си поставивме за цел да стигнеме до четвртфиналето, но не ни‘ успеа. Голот на Михаел Балак беше сензационален. “

Круна за Класниќ

Во вториот натпревар од групата Б, Хрватска беше подобра од Полска. Единствениот гол го постигна Иван Класниќ, кому погодокот му беше крунисување на враќањето на теренот по 15 месечната пауза, откако му беше извршена трансплантација на бубрег.
Euro 2008 Polen Kroatien Ivan Klasnic
Иван Класниќ се враќа на најдобар можен начинФотографија: AP
Тренерот Славен Билиќ изјави дека тимот е горд на Класниќ, а самиот Иван тоа го опишува вака: „Ова е како сон. Секогаш велев дека имам верба. Дојдов да играм и убаво е.“

Хрватскиот тим, инаку, настапи со деветмина нови играчи. Останатите беа поштедени пред четвртфиналниот дуел со Турција во четврток.

Денес за пласман во втората рунда се борат екипите во групата Ц. Италија и Франција играат во Цирих, а репрезентациите на Холандија и Романија во Берн.



Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема