1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанци-успешни бизнисмени во Грција

20 ноември 2009

Албанските доселеници со години ја сочинуваат најголемата доселеничка група во Грција. Во 90-те години тие работеа пред се’ во земјоделството. Денес, тие порадо се газди самите на себе си.

https://p.dw.com/p/KW9H
Во Атина има многу успешни АлбанциФотографија: picture-alliance/dpa/Peter Zimmermann

Лоренц Кока успеа. Младиот доселеник, од малото место Фиер во Албанија, од 2003 година има сопствена фирма во Грција, односно приватно училиште за обука за компјутери. Тоа се наоѓа во најдобриот бизнис кварт во центарот на Атина. Младиот Албанец, кој заврши студии по медицина, заедно со неговата жена држи часови на млади албански или грчки ученици, но и на нивните родители. Наставниот концепт особено добро е прифатен од албанските семејства, кои имаат деца на училишна возраст, објаснува на Лоренц Кока: „Уште од самиот почеток албанската општина добро ја прифати нашата иницијатива, бидејќи идејата тогаш беше оригинална. Особено албанските родители сакаат новите технологии да ги изучат на нивниот мајчин јазик. Нивните деца зборуваат перфектно грчки, тие би можеле дури да одат и на друго место, но со родителите не е така едноставно, бидејќи не го знаат грчкиот јазик толку добро.“

Втора генерација мигранти во Грција

Albaner Ankunft in Griechenland 2004
Масовно иселување на Албанците во 1990 година во ГрцијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Лорен Кока на 25- годишна возраст се пресели кај неговите родители во Грција. Тој за жал таму мораше да се откаже од неговиот сон да стане лекар и наместо тоа во доцните деведесети години мораше да се снаоѓа со привремена работа. Во тоа време гастарбајтерите од Албанија се соочуваа со силна одбивност од страна на Грците, а мораа да се конфронтираат и со игнорантноста на грчките служби. Само малкумина успеаjа да ги добијат потребните документи за престој во земјата. Кока беше упорен, како келнер или трговец на мало заработи доволно пари, за да може да ги финасира своите втори студии по информатика на еден американски колеџ во Атина. Денес, тој е пример за една нова, самоуверена генерација албански доселеници. Тие интеграцијата ја постигнуваат со образование, а многумина од нив имаат формирано и сопствени фирми. На секое трето претпријатие на мало во Грција сопственик е Албанец.

„Сметам дека нашата интеграција многу напредува, затоа многу Албанци можат да отворат свои фирми. Но, и менталитетот на Грците се смени. Многу албански доселеници со текот на времето се чувствуваат како дома во земјата. А, најважното од се’ е тоа што повеќето од нив престојуваат легално во Грција. Тие ги имаат потребните документи, а тоа се разбира е најважниот предуслов за секој, кој сака да оди чекор напред во неговата работа.“

Во Грција легално живеат денес 600.000 Албанци

Тие испраќаат 700 милиони евра годишно во нивната татковина, важат за вредни работници, но многу често се ограничени и работат за многу ниски месечни плати.

Во екот на стопанската криза во земјата деснопопулистичките политичари најсреќни би биле, кога мигранти воопшто би немало.

На ова остро протестираат интелектуалците како што е грчко-францускиот режисер и добитник на наградата Oскар, Костас Гаврас. Во неговиот најнов филм „Рај на Запад“ тој го прикажува макотрпниот пат на еден млад доселеник, кој илегално преку Грција и Италија сака да оди во Франција. Тој е во потрага по нова татковина. Гаврас пледира на поголема толеранција во Европа. Меѓутоа, тој , сепак, не сака да им дели совети на европските политичари:

29.01.2008 kultur 21 Costa Gavras
Грчкиот режисер Костас Гаврас апелира за поголема толеранција во Европа

„Немам решение. Точните одговори можат да ги дадат само нашите политичари. Јас можам само да поставувам прашања. На пример, дали треба да ги почитуваме овие луѓе или не? Дали можат да се снајдат кај нас? Се разбира, дека во моментов имаме една светска економска криза, која сите не погодува, но што треба да правиме со оние, кои живеат легално кај нас? „Едноставно да ги избркаме!“-велат некои. Секојпат кога ќе ни бидат потребни луѓе ќе им дозволиме да дојдат, а кога нема да ни требаат повеќе ќе ги избркаме; мислам дека тоа нема смисла.“

Поголема толеранција во Европа

За младиот албански претприемач Лоренц Кока е јасно, дека тој засега ќе остане во Грција. Меѓутоа, може да си замисли да емигрира и во САД, вели тој. Еднаш бил во посета во Америка и таму многу му се допаднало. Тој не би сакал да се откаже од неговата грчко училиште за компјутери, но можеби еден ден ќе може да ги соедини информатиката и медицината заедно, мечтае младиот претприемач.

Редактор: Јанис Пападимитриу / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Жана Ацеска