Австралиските пензии ќе стигнуваат во Македонија
26 октомври 2009Македонците кои својот работен век го завршиле во Австралија можат да размислуваат за враќање во татковината. Австралиската пензија ќе ја добиваат и во Македонија. Тоа го овозможува денеска (26.10.2009) потпишаниот договор за социјално осигурување. Заверен со потписите на двајцата премиери, австралискиот Кевин Рад и македонскиот Никола Груевски, договорот ќе почне да се применува од 2011.
“Овој договор ги отсликува блиските врски меѓу луѓето од двете земји и е прв формален договор од воспоставувањето на дипломатските односи пред 14 години во октомври 1995 година“, изјави шефот на австралиската влада.
Силни врски меѓу двете земји
Иако географски далечна, голем број Македонци ја чуствуваат Австралија како блиска и пријателска земја. Една од причините за тоа е секако бројната македонска заедница во Австралија, која, според официјалната статистика, надминува 80 илјади луѓе.
Врските со матичната земја се силни и значајни за Македонија. Двете земји имаат одлични билатерални односи во повеќе области. Двајцата премиери го споменаа заедничкиот ангажман во мировните мисии и предизвиците во економската сфера.
“Во иднина очекувам подинамична меѓусебна соработка меѓу Австралија и Македонија на економски план и поголемо присуство на австралиските инвеститори во Македонија“, кажа македонскиот премиер Груевски.
Задоволство кај дијаспората
Македонската дијаспора го поздравува потпишувањето на договорот за социјално осигурување. Договорот е значаен особено за македонските иселеници, кои по толку години престој во туѓина не расчистиле со носталгијата и со дилемата каде да ја уживаат пензијата. Но значаен е и за девизното салдо на Македонија.
По пречекот во Канбера со највисоки државнички почести, официјалната посета на Груевски на Австралија продолжува со нови средби со претставниците на македонската дијаспора. Утре е предвидено отворање на македонскиот конзулат во Мелбурн.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Жана Ацеска