1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Шпанското судство призна тешки грешки

Ж.А. /ДВ
24 август 2017

Осомничениот водач на терористичката ќелија која стои зад нападот во Барселона, требало да биде протеран во Мароко во 2015 година, но еден судија го спречил тоа, оценувајќи го како безопасен.

https://p.dw.com/p/2ijb3
Spanien Terrorverdacht Polizisten
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/X. Jinquan

Во март 2015. година имамот Абделбаки Ес Сати, по потекло од Мароко, требало да биде протеран во татковината, но налогот бил стопиран од судија, кој оценил дека имамот „не претставува доволно голема опасност за јавниот ред“, туку напротив, се труди да се интегрира во шпанското општество.

Дали ситуацијата во тој момент навистина била таква, од денешен аспект не може да се утврди. Ес Сати, во моментот на планираното депортирање, издржувал четиригодишна казна затвор поради трговија со дрога. Според весникот „Ел Мундо“, Ес Сати во затворот се спријателил со затвореник - учесник во исламистичкиот напад во Мадрид со 191 загинат.

Нејасно влијание врз атентаторите

Пред околу две години Ес Сати се преселил во Рипол за да ја преземе должноста на имам. Дали и кога тој ги радикализирал останатите напаѓачи, кои во најголем дел исто така потекнуваат од Мароко, не е доволно разјаснето. Посетителите на џамијата, кои подобро го познавале 45-годишниот имам, имаат различни мислења.

По нападите во Барселона и Камбрилс, со денови е вршена потрага по Ес Сати. Но, последните сознанија на истрагата велат дека тој загинал кратко пред атентатите, при експлозија на експлозивен материјал во куќа во Алканар, околу 300 километри јужно од Рипол. Во неа терористичката ќелија ги планирала нападите. По несаканата експлозија, групата, според исказите дадени деновиве, преминала кон извршување на план Б, напади со автомобили во Барселона и Камбрилс наместо бомбашки атентати. 

Spanien Ripoll Moschee Imam Abdelbaki es Satty
Во оваа куќа во Рипол е џамијата во која работел Ес СатиФотографија: Getty Images/AFP/P. Barrena

Трагите водат во странство

Терористичката ќелија во меѓувреме се смета за разбиена. Осум од осомничените терористи се мртви, против тројца други се води истрага, а еден е пуштен на слобода. Но, за иследниците дури сега почнува тешката работа на составување на делчињата на мозаикот, зашто постојат сѐ повеќе индиции дека атентаторите одржувале контакти во странство и оттаму веројатно имале поддршка за извршување на злосторничките дела.

Според весникот „Ел Паис“, најмалку тројца членови на терористичката ќелија во деновите пред нападите во Барселона и Камбрилс патувале во Мароко или во Белгија, Швајцарија и Франција. Причината не е позната. И имамот Ес Сати имал тесни врски со лица во Белгија.

Во уништената куќа во Алканар, иследниците, како што пренесуваат медиумите пронашле авионски билет за лет кон Брисел на име на Ес Сати, кој на почетокот на 2015. година престојувал во Белгија и три месеци проповедал во џамија во Дигем, близу Брисел. Но, досега нема докази за негова поврзаност со извршителите на исламистичките напади во март 2016. година во Брисел.