Терористите од Барселона подготвувале поголем напад
23 август 2017Џихадистичката ќелија која го изврши терористичкиот напад во Барселона подготвувала бомбашки напади од поголеми размери. Цели на тие напади требало да бидат споменици во градот, призна пред судот еден од четворицата обвинети за нападот, Мухамед Ули Шемал, Шпанец со мароканско потекло. Оваа ќелија, која имала околу 12 члена, од кои загинаа 8, „подготвувала поголем напад“ во Барселона и во Камбрилс, туристички град на југозападот на шпанската покраина Каталонија.
Врховниот суд на Шпанија подигна обвинение против Шемлал за „терористичко убиство“, како и против вториот осомничен Дрис Укабир, 27-годишен Мароканец. Против третиот осомничен, Мухамед Алја, не е официјално подигнато обвинение, но и натаму е под истрага и останува во притвор. Алја е еден од сопствениците на автомобилот кој е користен за нападот во Камбрилс.
Судот додаде дека за судбината на четвртиот осомничен ќе биде донесена одлука подоцна.
Другите осум членови на оваа наводна ќелија се мртви, некои од нив загинаа во експлозија, а другите ги застрела полицијата. Последниот осомничен е убиен во понеделникот во лозје западно од Барселона. Тој носел лажен појас со експлозив и викал „Алаху акбар“, по што е застрелан од полицијата, се наведува во извештаите.
Во неодамнешните напади во Барселона и Камбрилс загинаа 15, а се повредени над 100 лица. Одговорноста за двата напад ја презеде „Исламска држава“.