1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Теророт во Шпанија и политичките последици

Стефани Милер
19 август 2017

Терористичкиот напад во Барселона би можел значително да влијае врз политичката иднина на Каталонија. Прашање е што ќе биде со референдумот за независност на автономниот шпански регион, планиран за 1. октомври.

https://p.dw.com/p/2iVAS
Spanien Anteilnahme Trauer nach Terroranschlag in Barcelona
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Guyot

Кога во четвртокот попладнето возачот на комбето влета во масата луѓе на најфреквентната улица на Барселона и усмрти најмалку 13 луѓе и повреди стотина, многу брзо беше обвинет исламистичкиот тероризам. Уште на почетокот на годината, ИД се закани со напади на омилените туристички места во Шпанија. Истата ноќ ИД ја презеде одговорноста за нападот, во кој првенствено страдаа туристи. Медиумите пишуваат дека нападот бил планиран за петокот утрото. Во меѓувреме е познато дека експлозија во средата убила две лица и разнесла куќа во близина на Барселона, во Алканар, поврзана со нападот во Барселона.

Дали полицијата знаела нешто?

Во средата, на автопатот кон југ, имаше невообичаено засилена сообраќајна контрола. Цезар Мартинез со семејството бил исто така запрен: „Нѐ запреа вооружени лица на автопатот А7 кај Малага. Нѐ третираа како криминалци, имавме чувство дека нешто се случило. Но, очигледно, лошото се случи еден ден подоцна.“

Дали полицијата нешто знаела? По нападот во Барселона, беше уапсен 28-годишен Мароканец и уште едно лице од шпанската ексклава Мелиља. Со тоа во фокусот се најде уште еден важен аспект: миграцијата од Мароко, која веќе со недели е во пораст, а со неа и тензиите во шпанските ексклави Цеута и Мелиља.

Мароканските и шпанските разузнавачки служби тесно соработуваат, се наведува од владини кругови. Во Шпанија досега нелегалното доселување беше држано под контрола преку дополнителни економски спогодби со земјите на потекло, но поради тврдиот став на Либија кон бегалците, повторно порасна притисокот врз Мароко. На плажите на Андалузија, директно меѓу туристите, секој ден стигнуваат стотици бегалци.

Infografik Karte Barcelona Terror DEU

Државата Шпанија ја демонстрира својата сила во Каталонија

На сите им е јасно дека Каталонија има проблеми со безбедноста. Каталонскиот весник „Ел Периодико“ лани во повеќе наврати предупредуваше на проблемот. Овој автономен регион, исто како и Баскија, има своја полиција, кратко „Мосос“. Каталонија исто така има и сопствена антитерористичка единица, која теоретски ја контролира Мадрид. Медиумските извештаи велат дека оваа антитерористичка единица со месеци не ги следи упатствата од главниот град.

Токму поради тоа, многумина во нападот го гледаат првенствено следново: Каталонија не е безбедна без Шпанија. За телевизијата, портапролот на владејачката партија ПП, Рафаел Хернандо тоа вака го формулираше: „Сега ни е неопходно искуството на Шпанија во борбата против тероризмот“.

Оваа изјава има двојна порака: „Не плашете се, ќе ви помогнеме“ и „На Каталонија ѝ е потребна Шпанија“. Но, тоа треба да се посматра во контекст и на движењето за независност на регионот. На 11. септември се прославува Диада, „националниот празник“ на Каталонија, а за 1. октомври беше планиран референдум за независност, втор по ред. Референдумот, според шпанскиот устав, е нелегален, а при одржувањето на првиот референдум пред три години, имаше апсења на тамошни политичари. Хернандо се надева „дека полициските единици ќе соработуваат заедно и дека оваа борба ќе биде контролирана од Мадрид“.

Nach Terroranschlag in Barcelona
Премиерот Мариано Рахој и шпанскиот крал Фелипе во Барселона Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Fernandez

Политичка инструментализација на нападот

Сега почнува огорчената борба на полициските сили околу тоа кој е одговорен за нападот и кој треба да ја води истрагата за тоа. Премиерот Мариано Рахој го искористи моментот и во четвртокот вечерта допатува во Барселона и повика на национално единство и слога. Тој нема никаков план Б за посакуваната независност на Каталонија, но може да смета дека сега ова прашање нема да биде во прв план- со оглед што атентатот беше од големи размери, регионалните власти сега имаат други грижи.

Рахој докажува политички инстинкт и најавува дека државните антитерористички единици ќе ја преземат истрагата за нападот и координацијата на безбедносните мерки во Каталонија. Како причина ја наведе историјата на вооружени судири за ослободување, водени од баскиската организација Ета, најголема во Европа.

„Веќе освоивме многу битки против тероризмот. Ние Шпанците, ќе ја освоиме и оваа“, рече Рахој.