1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските лекторати во светот на питачки стап

Бројот на македонските лекторати низ светот се намалува. По 40 год. работа се затвора лекторатот во Неапол. Во тешки финансиски услови и со минимална и неорганизрана поддршка од државата функционираат уште 11 лекторати.

default

За разлика од „ златните“ времиња на македонистиката од 70-тите и 80-тите години од минатиот век, кога бројот на македонските лекторати беше речиси двојно поголем, во последните 20 години сосотојбата само се влошува.Сега функционираат 12 лекторати и уште на 20 места македонскиот го предаваат странци, вели д-р Емилија Црвенкоска, директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Наспроти македонската инертност, странските универзитети со години бараат македонски лектори да заминат кај нив, додава Црвенкоска: „Повеќе години настава бараат Украина, Словачка, Шпанија, САД и уште некои други центри. За жал, поради финансиски тешкотии не сме во можност да испратиме лектор во ниту еден од овие центри кои со задоволство би го прифатиле македонскиот јазик.“

Македонистиката во лекторатот во Германија се‘ уште некако се одржува

Со години, македонистиката со успех се изучува во Москва, Париз, Крајова, Тирана, Будимпешта, Истанбул и на по два универзитети во Полска и Чешка. Нов лекторат е отворен во Риека, а по 4 децении се затвора во Неапол:

Mazedonien Land und Leute Flagge

Странските универзитети со години бараат македонски лектори да заминат кај нив

„За жал, се затвори лекторатот во Неапол, којшто наврши 40 години од постоењето, а годинава отворивме нов лекторат во Риека. За него добивме поддршка од државата, но имаше и силна поткрепа од македонската дијаспора којашто живее во Хрватска.“

Универзитетот во Хале беше седиште на македонистиката во Германија. Македонската негрижа го уништува:

„Хале беше центар во којшто долги години се изучуваше македонистиката. Виена беше мошне важен центар. Сега и таму нема лекторат. Во Блумингтон – Индијана, имавме настава и сега и таму нема повеќе. Сепак, во Хале колешката Гизела Хавранек се‘ уште успева да ја одржи македонистиката на некој начин. За жал, без помош од матичната земја.“

Средствата за лекторатите се капка во море

Од аспект на тоа колку и за што се троши државниот апарат – 40 000 евра годишно за 12 лекторати се капка во море.

„Годишната плата, патните трошоци, едно патување годишно дома. Тоа државата сите 12 лекторати ја чини 40 000 евра. Тоа е смешен износ во однос на она што го добиваме. “

Државата се правда со административни пречки, но

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien

Државата се правда со административни пречки

проблемот е во некоординаираноста меѓу министерствата за образование и наука, за култура и за надворешни работи. Тие треба да се логистичка поддршка на лекторатите. И додека Македонија назадува, земјите од регионот, на овој план, прават крупни чекори, заклучува Црвенкоска:

„Хрватска има лица кои ја координираат работата во министерствата за образование и наука. Сите лектори оттаму добиваат финансиска поддршка, книги, рекламни материјали. Словенците, секоја година, организираат гостување на свои писатели низ сите 50 лекторати во светот. И постојано се грижат за отворање нови лекторати преку кои што ќе биде претставена нивната култура. Да не зборувам за Бугарија која само во Италија во 4-5 центри има свои лекторати.“

Македонските лектори се снаоѓаат сами

Лекторите имаат мали плати, плаќаат високи кирии за стан по светот, немаат доволно литература и нагледни средства. Згора на тоа и третманот на Република Македонија кон нив не е на посакуваното ниво, со жалење констатира д-р Црвенкоска:

„Тие, сепак, треба да бидат барем на ранг на некои дипломатски претставници, можеби како некој советник во амбасадата. А нашите лектори сами се мачат да си ги вадат визите. Никој не води сметка за тоа. Немаат никакви привилегии. Значи многу работи треба да се менуваат.“

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM