1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студија за користењето на македонскиот јазик во Грција

15 август 2009

„Еуромозаик“ проект за проучување на малцинските јазици во земјите на ЕУ, го има признато македонскиот јазик како еден од малцинските јазици од семејството на словенските јазици, кои се зборуваат од жителите на ЕУ.

https://p.dw.com/p/JBhx
Фотографија: picture alliance/dpa

Во 360 села во северниот дел на Грција се зборува македонскиот (словенски) јазик. Со исклучок околу Кукуш, во сите делови на овај дел на Грција живеат „славофони“ како и на почетокот на ХХ-от век. На пример најголемата концентрација се забележува во областа на Лерин, каде најмалку половината од населението го познава и користи македонскиот јазик и е свесно за своите културни специфичности. Ова е констатацијата на студијата „Еуромозаик“ – проект на Европската комисија за заштита на малцинските јазици.

Студија на лингвистички експерти

Студијата за користењето на македонскиот јазик во Грција е изработена во деведесетите години од европски лингвистички експерти и е реактуелизирана неодамна. Без да ја земат в предвид официјалната грчка позиција, дека на нејзина територија „не постои“ македонско малцинство и не се зборува „македонскиот (словенски) јазик“, европските лингвисти го вброија македонскиот јазик во јазиците кои се зборуваат и масовно се користат во Грција. Луѓето кои го зборуваат овој јазик во централниот и западниот дел на грчкиот дел од Македонија, самите го нарекуваат нивниот јазик „македонски“. Додека во источниот дел, иако го познаваат ова име, тие повеќе велат дека јазикот кој го зборуваат е „бу(л)гарски“.

Авторите на студијата потсетуваат на историјата на регионот и антагонизмите за превласт во него, како и угнетувањето кое се врши врз населението за да се откаже од користењето на јазикот.

Будење на свеста кај населението

Во деведесетите години се заблежува и будење на свеста и самоорганизирање на населението за зачувување на идентитетот, посебно во западниот дел на грчката Македонија. Од 1996 се чувствува и видливо подобрување на однесувањето на грчката држава кон користењето на јазикот и кон некои од проблемите на „славофоните“. Но грчката државна политика стравува од создавањето на еден јасен културен, односно национален идентитет кај „славофоните“.

Иако Грција беше обврзана со меѓународни договори да го негува јазикот на малцинствата, во практиката во образованието се прави сé, за да го забрани неговото користење. Денес македонскиот јазик не се изучува во Грција, тој е отустен од масовните медиуми па дури и на локално ниво. Грчката држава епизодно се обидува да прикаже преку некои повеќе или помалку „научници“ дека јазикот е „варварски“ и „не цивилизиран“. Измислени се и теории кои сакаат да докажат дека јазикот е мешавина на грчки и словенски или дека потекнува од старогрчки.

На крајот од студијата се заклучува дека добар дел од населението го зборува македонскиот јазик и сака тој да биде зачуван. Сепак во актуелниот контекст, иницијативите за негово изучување од недржавни институции и без одобрувања од државата немаат многу шанса да успеат и можат само да предизвикаат нереди во „славофонската“ заедница.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска