Семинаристите-нови македонски амбасадори
26 август 2009Доктор Ала Шешкен е од Русија. Предава на универзитетот Ломоносов. Таа со децении е редовен учесник на охридската Летна македонистичка школа. Вели дека одново му се враќа на Охрид заради природата, убавината на езерото, но и поради помислата дека пак на изворот ќе може да го слушне македонскиот јазик. На нападите и провокациите дека македонскиот јазик е вештачка творба Шешкен одговара:
„Овој народ на овој простор го задржал својот јазик со векови. Тогаш, како може да биде вештачка творба? Тоа е глупост. Јазикот е една природна материја. Јазикот се раѓа и се развива и за жал умира. Македонскиот јазик е жив. “
За Ала Шешкен разбирливо е што Македонците реагираат и ги отфрлаат провокациите кои Македонија ја држат изолирана и надвор од НАТО и ЕУ:
„Мислам дека Македонија е во право. Тоа само по себе се подразбира. Но Македонија не може да молчи кога и‘ велат дека не постои и дека треба да даде некое ново име на својот народ, на својот јазик, на својата држава. Во секоја политичка работа има некоја подлост.“
Проблем се само „запалените“ грчки националисти
Во круговите на славистите во Америка, Македонија и нејзиниот јазик се добро познати, потврдува доктор Стивен Френкс од Блумингтон. Според него, само „запалените“ грчки националисти се борат за промена на уставното име на Македонија:
„Кај нас ми си чини дека никој не би рекол дека не постои Македонија, македонистика и македонски јазик. Сите сметаат дека таа е самостојна држава со свој јазик. Можеби негирањето доаѓа само од луѓето кои имаа грчко потекло.“
Зголемен број македонисти
Потврда за постоењето на Македонија, јазикот и нејзината култура сигурно е и одржувањето на Семинарот. Бројот на младите кои покажуваат интерес за изучување на македонскиот јазик во светот се зголемува.Силвио е од Тирана - Албанија. Студира руски и македонски јазик и како сите млади сонува за обединета Европа. Македонија е само македонска смета тој :
„ Македонија и натаму треба да го задржи своето име Македонија. Затоа што Македонците биле тука, па со тоа земјата им припаѓа на Македонците. Јазикот и културата се на Македонците и тие не се ниту албански, ниту грчки, ниту бугарски .“
По подолго време во Охрид на семинарот и учесник од Грција. Спиридон е од Солун.За првиот контакт со македонскиот јазик вели:
„ Првите зборови ги научив од дедо ми и од баба ми. Потоа продолжив преку разговорници и контакти преку интернет со деца од Република Македонија. Дедото и баба ми по мајка се од Неврокоп, а по таткова линија потекнувам од Грузија .“
И покрај националната непопустливост кога е во прашање Македонија , Грција, притисната од европските институции, не може да ги сопре своите граѓани од македонско и друго потекло да го користат својот мајчин јазик, вели Спирдон. Таков е случајот со партијата „Виножито“:
„Доста веќе се плашиме. Главата горе“. Така вели претседателот на „Виножито “ Павле Воскополус – Филипов. „Виножито “ е разгрането во Лерин, во Воден и во Солун. Можеме да работиме. Но луѓето се‘уште се плашат.“
И Спиридон смета дека проблемот го прават националистите. Според него, грчкиот и македонскиот народ треба да ги надминат предрасудите:
„Меѓу Грците и Македонците нема проблеми. Проблемите ги прават политичарите и националистите. Грчкиот и македонскиот народ може и мора да бидат обединети.“
Семинаристите ќе бидат новите македонски амбасадори ширум светот. Организаторите не се сомневаат дека најголем дел и догодина ќе се вратат во Охрид за да го совладаат македонскиот јазик и потемелно да се запознаат со литературата и културата во Македонија.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Жана Ацеска