1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу „преживеа“ за да поднесе оставка

5 ноември 2011

Првпат во историјата на Грција Парламентот му изгласа доверба на премиерот, за што поскоро да може да поднесе оставка. Тоа се случи во текот на ноќта, премиерот Јоргос Папандреу ја доби довербата на парламентарците.

https://p.dw.com/p/135ZL
Премиерот Јоргос ПапандреуФотографија: dapd

Некои од пратениците, потенцијални противници на ставот на партијата, согласноста ја условија со оставка на Папанреду и во идеален случај да се заложи за влада на национално единство. Овој предуслов се чини Папандреу го прифатил: во неговиот говор кратко пред гласањето во парламентот, Папанреду изрази готовност, уште денеска да разговара со претседателот на државата и да го почне процесот за формирање на широка надпартиска влада. Папандреу патем напомена, дека е подготвен за разговори кој би можел да ја предводи таа влада. Сепак не кажа дали безусловно ќе се повлече од функцијата.

Иако во грчката политика веќе ништо не е неможно, само малкумина веруваат дека премиерот има реални шанси да остане на функцијата. По фијаското со референдумот за бриселските одлуки околу планот за финансиска помош се чини дека Папандреу и во неговата сопствена партија веќе нема поддршка. За тоа што и кој ќе дојде по него, мислењата се различни. Владејачките социјалисти форсираат влада на национално единство со учество на сите политички партии, уште порадо под нивно раководство. Амбициозниот министер за финасии Евангелос Венизелос радо би се нафатил на тоа. Од друга страна конзервативната опозиција, која добива се’ поважна клучна улога, пледира на експертска влада, која во рок од шест недели би требало да го трасира патот за предвремени избори. Како и вообичаено Папанреду понуди компромис: Преодната влада да ги спроведе последните европски одлуки низ парламентот и да го отвори патот за новите мерки за штедење, а потоа најдоцна во март 2012 да се подготват нови избори.

Конзервативците бараат итни предвремени избори

„Маските паднаа, Папандреу ги отфрли сите наши предлози и затоа бараме нови избори и тоа веднаш“, изјави кон ова водачот на конзервативната опозиција Антонис Самарас по седницата на парламентот. Доколку конзервативците останат на овој курс, на владејачките социјалисти нема да им остане ништо друго освен да формираат широка коалиција со десните популисти и економските либерали, Демократска алијанса на поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, што е помалку бесмислен потег.

Особено незадоволство од гласањето изнесе левичарската опозиција: „Сакаат да дадеме доверба за влада, која не е формирана“, критикуваше шефот на умерената Левичарска алијанса, Алексис Кипрас. И не е дека нема право. Зошто воопшто Папандреу мораше да го постави прашањето за доверба, кога секако има намера да поднесе оставка?

Иронија на историјата?!

Тоа е во духот на социјалистичката партија. Еднаш постоеше сличен договор кој требаше да ги сочува грчките социјалисти од поделба и кој му помогна на Папандреу да стигне до власта: во 2004 година премиерот Костас Симитис поднесе оставка на претседателската функција во партијата и потоа го определи неговиот  докажан министер за надворешни работи Јоргос Папандреу за свој наследник. Во 2009 година тој ги доби парламентарните избори, откако ненадејно го потисна неговиот поддржувач Симитис.

И тогаш барањето за референдум беше причина за внатрепартиски конфликт. Кратко пред европските избори во 2009 година Папандреу вети референдум за договорот од Лисабон и со тоа го стави во незавидна сосотојба бескомпромисниот проевропеец Симитис. Би била необича иронија на историјата ако сега Папандреу се повлече од функцијата, а неговиот претходник стане негов наследник, на пример шеф на нова преодна влада.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска