1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчка трагикомедија

4 ноември 2011

Повлекувањето од идејата за референдум поттикна нови надежи дека политичкиот разум ќе се врати во Атина. Но, кој се израдувал - прерано се израдувал, смета Спирос Москову во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/134xB
Фотографија: DW

Сметката на грчкиот премиер Јоргос Папандреу се покажа погрешна. Тој сакаше преку свикување референдум да ја придобие согласност на граѓаните за пакетот мерки за спас на државата од банкрот што беа договорени на самитот на ЕУ. Бидејќи опозицијата во земјата тврдокорно опстојува на отпорот против тешките мерки за штедење, а дури и делови од владејачкиот ПАСОК веќе не го поддржуваат курсот на премиерот, Папандреу се обиде да ги повика граѓаните да му дадат поддршка.

Но, премиерот при тоа се чини дека заборавил оти тој владее со земја која не само што е многу задолжена, туку веќе е фактички банкротирана. Во таков случај политиката веќе нема водечка улога, туку економијата. Со најавата за референдум Папандреу ги вознемири финансиските пазари и европските партнери и имаше тешки разговори со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во Кан. Во рок од само 48 часа тој мораше да се откаже од идејата за референдум, во спротивно меѓународната помош за неговата земја ќе беше замрзната.

На Грција всушност и’ е итно потребен барем минимален внатрешно-политички консензус и тоа меѓу двете големи партии ПАСОК и Неа демократија. Само така би можеле да се спроведат тешките мерки на штедење. Вчера дури пристигна и првичен сигнал на разум од опозициската Неа демократија. Нејзиниот претседател Антонис Самарас најави поддршка за заклучоците од самитот на ЕУ во Брисел, вклучувајќи го тука и отпишувањето на 50% од долговите на Грција. Тој исто така нагласи дека би бил подготвен да учествува во привремена влада. Финансиските пазари позитивно одреагираа на ваквите најави од Атина, а зрак надеж се појави и во другите европски престолнини. Многумина со позитивно очекување се прашуваа дали и партиите во колевката на демократијата ќе го сторат конечно она што го прават партиите во исто така високо задолжените земји, како Ирска и Португалија? Ќе соработуваат ли конечно големите партии и во Атина со цел земјата да ја спасат со сопствени сили?

Spiros Moskovou
Авторот на коментарот Спирос МосковуФотографија: DW

Но, ваквите надежи беа преуранети. Најавите на Самарас фактички значеле барање за итна оставка на актуелниот премиер и создавање преодна експертска влада, што ќе владее до предвремените избори за шест недели. Исто така произлезе дека Папандреу тврдокорно инсистира на денешното гласање доверба за неговата влада во парламентот, со надеж дека ќе го добие неопходното мнозинство и со тоа ќе си ги засили позициите за создавање коалициска влада со лидерот на опозицијата Самарас. Така во парламентот во Атина повторно се најдоа лидерите на двете најголеми партии како овнови на греда, без и најмала трага на волја за компромис или пак согласност околу државните приоритети. Како да станува збор за некоја нормална седница на парламентот, а не за судбинска, на која се решава иднината на целата земја, па дури и на целата еврозона.

Затоа ни останува само да се прашаме: дали сме сведоци на грчка трагедија или комедија? Веројатно на двете одеднаш! И тоа со неизвесен исход!

Автор: Спирос Москову

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски