1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу се попишмани за референдумот

3 ноември 2011

Грчкиот премиер Папандреу се согласи на формирање коалициска влада, но нема да поднесе оставка. Нема да има референдум за пакетот меѓународна финансиска помош за Грција, изјави Папандреу во Атина.

https://p.dw.com/p/134dO
Јоргос ПапандреуФотографија: dapd

Јоргос Папандреу, кој се наоѓа под се‘ поголем притисоке подготвен за формирање преодна влада во земјата. Грчкиот премиер е подготвен за разговори, но нема да поднесе оставка и ќе ги сочека резултатите од нив. Референдумот за пакетот меѓународна финансиска помош за Грција е откажан, тоа бил условот на опозицијата за водење разговори за формирање заедничка влада. Ова го соопшти Папандреу по денешната итна седница на владата која тој ја свика.

Опозицијата за нови избори

Претходно шефот на најголемата опозициона партија, Нова демократија, Андонис Самарас, побара формирање преодна влада во земјата и одржување предвремени избори. Самарас е против спроведување на референдумот за пакетот европска помош за Грција, што го најави Папандреу. Спред Самарас, земјата треба да биде водена од преодна влада се‘ додека не се спроведе програмата за помош на Грција, а веднаш потоа треба да следат предвремени избори.

Griechenland Finanzkrise Regierungssitzung in Athen Finanzminister Evangelos Venizelos
Евангелос Венизелос исто против референдумотФотографија: dapd

Папандреу ја губи поддршката во партијата

На Папандреу во секој случај му се закануваше губење на власта. Бројни министри и пратеници на неговата Социјалистичка партија ПАСОК денеска побараа формирање „влада на национален спас“. Најмалку двајца пратеници, според националната телевизија НЕТ, најавија дека ќе му ја ускратат довербата на Папандреу на утрешното гласање доверба за неговата влада во грчкиот парламент. Со тоа Папандреу со само 150 пратеници веќе би немал мнозинство во парламентот.

Пред кризната седница на владата според грчките агенции се сретнале тројца министри, кои важат за можни наследници на Папандреу. По состанокот на министерот за здравство, Андреас Ловердос и за сообраќај, Јанис Рагуцис, министерката за образование Ана Диамантополу изјави дека Грција мора да го прифати пакетот европска помош, договорен на самитот во Брисел, за да остане членка на еврозоната. Тројцата министри заговараат „влада на национален спас“ со учество на опозицијата. Се шпекулира дека на чело на коалициската влада би застанал поранешниот заменик-претседател на Европската централна банка, Лукас Пападемос. Претходно, против Папандреу застана и министерот за финансии Евангелос Венизелос, отфрлувајќи ја идејата за референдум за пакетот помош.

Griechenland Finanzkrise Lucas Papademos
Лукас ПападемосФотографија: picture-alliance/dpa

Според актуелните преговори во Атина, по ратификувањето од страна на сегашниот парламент на пакетот меѓународна помош, би се ослободил патот за исплаќање на следната транша од осум милијарди евра. Грција, според сопствени наводи, е платежноспособна само до средината на декември.

Меркел и Саркози ја искараа Грција

На синоќешниот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во Кан, Папандреу доби остри пораки поради најавата за организирање референдум. Ангела Меркел и Никола Саркози изјавија:

„Сакаме да помогнеме. Исто така сакаме Грција да остане во еврозоната. Но, сега ја имаме едностраната одлука на Грција и тоа ја измени ситуацијата. Затоа велиме многу јасно: шестата транша помош може да биде исплатена кога Грција ќе ги прифати сите делови од одлуката на самитот на ЕУ од 27 октомври и дополнително ќе ги расчисти сите сомнежи околу исходот на најавениот референдум, значи кога тој ќе донесе позитивен исход во насока на еврото. Исто така ставивме јасно на знаење дека на референдумот во основа ќе се решава за тоа дали Грција сака да остане во евро-зоната или не“, рече Меркел.

Frankreich Deutschland Finanzkrise Krisetreffen G20 Gipfel in Cannes Angela Merkel und Nicolas Sarkozy
Ангела Меркел и Никола СаркозиФотографија: dapd

Двајцата исто така му кажаа на Папандреу дека многу ги налутил фактот што не биле навреме информирани за неговите намери да спроведе референдум. Исто така му порачаа дека она што е договорено на самитот на ЕУ во Брисел околу помошта за неговата земја нема повторно да биде тема на преговори.

„Еврото како целина мора да остане стабилно. Сакаме тоа да го постигнеме порадо со Грција, отколку без неа. Но, задачата еврото да го одржиме како стабилна валута има приоритет. Тоа е задача кон која се сметаме повеќе обврзани“, нагласи Меркел.

Автор: Ж.Ацеска/АТ/дв/дпа/ртре

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема