1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниту предвремени избори, ниту предлог за името

6 октомври 2010

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска (06.10.) во Брисел оствари средба со европратеникот и известувач за Македонија во ЕП, Зоран Талер. Ставовите на Ахмети се на иста линија со оние на Брисел, истакна Талер.

https://p.dw.com/p/PX1r
Ахмети: Ситуацијата во Македонија е влошенаФотографија: DW/Musliu

ДУИ нема да бара предвремени избори и нема да предложи решение за спорот за името, иако смета дека ситуацијата во Македонија е влошена и неодржлива, брифираат високи извори од владината албанска партија денеска по средбата на Али Ахмети со европратеникот и известувач за Македонија во ЕП, Зоран Талер.

Али Ахмети денеска ручаше со Зоран Талер, а главна тема на работниот ручек било прашањето за името. Европскиот пратеник искажа задоволство од ставовите на коалицискиот партнер на Груевски, бидејчи тие се на иста линија со Брисел. Сепак, албанскиот владин партнер ќе чека од Македонците да си го решат проблемот со Грците и секое решение ќе го поддржи, велат од ДУИ, но албанска иницијатива не треба да се очекува. Тоа подразбира и дека Ахмети нема намера да врши притисок врз Груевски, преку барање за предвремени избори.

Zoran Taler
Талер: Македонија се` подолу на европската листа на приоритетиФотографија: Petr Stojanovski

Ахмети се согласува со Брисел дека новата стратегија на македониската влада да се бараат преговори и влез во НАТО без компромис со Атина е нереална опција, порачаа соговорниците на лидерот на ДУИ.

Црна Гора ќе ја престигне Македонија?

Европратеникот Талер не верува дека постои ризик за дестабилизација на државата во иднина поради спорот за името, но предупредува дека Македонија паѓа на дното на европските приоритети, поради нерешавањето на проблемот. По Хрватска, следна балканска држава во трката за ЕУ и НАТО се поизвесно станува Црна Гора. Доколку Македонија го реши спорот со Грција, се` уште има шанси да си го задржи местото, велат европратениците.

Талер упати остри критики и до земјите членки и Европската Комисија заради недоволна иновлвираност во прашањето за името.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема