1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не сака да увезува балкански проблеми

27 септември 2010

„Ние сме многу попретпазливи во однос на наведувањето поконретни датуми, а во меѓувреме исто така и кандидати за пристап. Но, сите земји од Западен Балкан имаат европска перспектива“, вели грофот Николаус Ламбсдорф.

https://p.dw.com/p/PNK4
Гроф Николаус ЛамбсдорфФотографија: picture-alliance/dpa

Сите балкански земји имаат перспектива за членство во ЕУ, која тоа им го вети уште во 2003 на самитот во Порто Карас кај Солун. Од оние на кои се однесува само Хрватска е туку-речи на чекор до Унијата. Од Брисел, пак, се’ почесто се слушаат гласови дека другите земји од регионот мора да сметаат на долго чекање. Има ли шанса сепак некоја од нив побргу да влезе во Унијата?

„Ние сме многу попретпазливи во однос на наведувањето поконретни датуми, а во меѓувреме исто така и кандидати за пристап, па и самата Хрватска, но тоа за неа вистина ќе се случи во догледно време. Што се однесува до другите земји од Западен Балкан, ќе биде набљудувана секоја земја посебно, но и натаму важи дека сите имаат европска перспектива - во тоа ништо не е и нема да се промени. Напротив, сметам дека ЕУ и важните земји во неа во иднина уште повеќе ќе се грижат за тие земји“, вели грофот Николаус Ламбсдорф во интервјуто за Дојче веле.

За германската позиција по ова прашање, со оглед на многу различните брзини со кои земјите од регионот се движат кон Европа, Ламбсдорф истакнува:

„Вие знаете дека Германија од самиот почеток беше за таа перспектива. Германија уште во времето на Ханс-Дитрих Геншер како министер за надворешни работи се погрижи тие земји да бидат признаени како независни држави, што се покажа како правилно. И европската перспектива исто така се покажа како правилна, оти ние веќе и на Балканот го гледаме привлечното дејство на ЕУ. Се разбира, недостасуваат уште многу нешта, но во споредба со порано, на Балканот - во поранешна Југославија, а и во Албанија, веќе е многу постигнато. Ние уште зборуваме за стабилизирање на Балканот. Што значи тоа, всушност? Пред 10 - 12 години се велеше дека сакаме да одиме на сигурно дека веќе на Балканот ќе нема војни, по четирите поведени од Милошевиќ. Тоа одамна веќе не е тема. Стабилизирање во меѓувреме значи напредок во демократизацијата, економски напредок, но остана непроменето дека европскиот и германскиот ангажман, инаку во забележителен обем, е финансиски ангажман“, нагласи Ламбсдорф.

Билатералните проблеми мора да се решаваат

Земјите од Балканот веќе не војуваат меѓу себе, но се добива впечаток дека сега меѓусебно си го попречуваат патот кон евроатлантските интеграции. На пример, грчкото вето поради нерешениот спор околу името го спречува пристапувањето на Македонија во НАТО. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на балканската турнеја ја заобиколи Македонија. Се добива впечаток дека Германија е многу воздржана кога станува збор за решавање на спорот за името меѓу Грција и Македонија.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Мислам дека впечатокот е погрешен, и тоа и во однос на Сојузната влада, како и на Бундестагот, кои имаат активен, траен интерес билатерални конфликти да не внесуваме во ЕУ. Секој притоа, веднаш се потсетува на примерот со Хрватска и Словенија, кои, меѓутоа, конфликтот го решаваат на мирен начин и на, како што ми се чини, сечие задоволство. Сега фактички секој кандидат за пристап мора да докаже или дека на мирен начин ги решил билатералните конфликти, или пак дека е на јасен, сфатлив пат кон нивно решение. ЕУ не сака да ги увезе меѓусебните проблеми кои постојат меѓу државите на Балканот. Тоа во поединечни случаи сигурно нема да биде лесно, но сите држави од Западен Балкан го сфатија тоа и веќе има редица случаи во кои пред се‘ Хрватска и Србија почнаа да се грижат за решавање на такви проблеми, или барем да помогнат за поддршка на соседите да решат конфликти со трета земја“, оценува ополномоштеникот за Југоисточна Европа во германското министерство за надворешни работи, гроф Николаус Ламбсдорф.

Пристапот кон Шенген-посебна тема

Наредната година Романија и Бугарија треба да станат дел од Шенгенскиот простор. Колку се двете земји подготвени за тоа во однос на контролата на границите, патни документи безбедни против фалсификување или во однос на стандардите за заштита на податоците?

„Очигледно е дека ова е тема, и тоа не само во однос на Романија и Бугарија, туку тоа ќе биде тема и за сите кандидати од Западен Балкан за пристап кон Унијата. Главата од преговорите со ЕУ што се однесува на реформата на правосудниот систем и борбата против организираниот криминал доби енормно на значење и тоа токму сега го искусува Хрватска, оти допрва ќе се преговара со неа околу тоа. Ова секако се лекции што ние ги научивме од приемот на Бугарија и Романија. Но тие работи продолжуваат и мора да продолжат и по пристапувањето во ЕУ, за таа тема се заинтересирани и министрите за внатрешни работи и токму во случајот со Бугарија и Романија активно се грижат за тоа, како што тоа редовно го прави и ќе го прави и Европската комисија“.

Гроф Николаус Ламбсдорф на крајот од интервјуто за Дојче веле се осврна и на актуелниот момент од односот на ЕУ со Турција и проблемите околу одобрување визни олеснувања за граѓаните на таа земја.

„Од агол на гледање на германското министерство за надворешни работи, го сметаме за многу возбудливо како се развива Турција, како надворешно-политички се позиционира и дејствува, и сметаме дека е време таа нова, енормно засилена и силна улога на Турција реално да се согледа. Ние тоа не го сметаме за закана, туку напротив, како шанса и многу настојуваме на соработка со Турција. Не е случајно што германскиот министер за надворешни работи веќе два пати беше во Турција и има особено добри односи со неговиот турски колега по функција и сосем сигурно редовно ќе патува во Турција. Таа земја има големо интересирање за европскиот и посебно германскиот пазар. Ни нам не ни причинува многу задоволство тоа, колку е во многу случаи компликувано да се добие виза за Германија и знаеме дека мора да се стори многу повеќе, а имам впечаток и дека тоа ќе се случи“.

Автор: Верица Спасовска / Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска