1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети ќе лобира за Македонија

1 октомври 2010

Од 5 до 8 октомври лидерот на ДУИ ќе престојува во Брисел. Кои се целите и очекувањата од разговорите на Али Ахмети со челниците на Унијата и какво е расположението во партијата поради засега блокираната евроинтеграција?

https://p.dw.com/p/PRmy
Али АхметиФотографија: DW/Musliu

Лидерот на владината Демократска унија за интеграција Али Ахмети во Брисел ќе разговара со челниците на Европската унија во врска со спорот за името со Грција, текот на реформите во Македонија, како и за севкупниот процес на евроинтегрирање на земјата – потврдија за Дојче веле од ДУИ.

Од партиското седиште на ДУИ соопштуваат дека „Ахмети оди за Брисел на покана на ЕУ, а не самоиницијативно, темпирајќи ја својата многу важна посета токму спроти објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија за Македонија и пред Самитот на НАТО во Лисабон“. Се очекува тој да разговара со еврокомесарот за проширување на Унијата, Штефан Филе, со известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Зоран Талер, со одделни европратеници, како и со други официјални личности од европските институции. Претседателот на ДУИ Ахмети му даде „гаранции“ на Штефан Филе уште при нивната средба во Скопје во средината на годинашниов февруари дека „неговата партија, но и Албанците како етничка заедница, ќе бидат конструктивни и корисни во напорите за изнаоѓање решение за спорот околу името со јужниот сосед“.

„Сега е вистинското време да се лобира за Македонија“

Пoтпретседателот на Парламентот Рафиз Алити вели: „Ахмети оди да лобира за Македонија. Оваа посета доаѓа во вистинското време кога треба да се лобира за земјата.“

Координаторот на пратеничката група на „интегративците“ Тахир Хани дополнува: „Лидерот на ДУИ патува во Брисел во интерес на изнаоѓањето компромисно решение за името во спорот со Грција.“

Алити на прашањето-што ако и по разговорите на Ахмети во Брисел и другите дипломатски активности потоа Македонија не успее да постигне компромис и ако остане натаму надвор од евроинтеграциите, подвлекува: „Не би сакал да зборувам хипотетички. Се‘ додека постојат шанси, ние ќе вложуваме се‘ од себе и како партија земјата да стане членка на ЕУ и НАТО.“

Разговорите на Ахмети – „освежување на заспаната дипломатија на владата“

Назми Малиќи, експерт за евроинтеграции од ФОН Универзитетот во Скопје, се надоврзува со својот коментар: „Посетата на Ахмети е дел од надворешната политика, како еден вид инструмент на партиската дипломатија во контекст на заедничките активности на владата на РМ. Но, неговото одење во Брисел за мене претставува и ’освежување’ на заспаната дипломатија на владата на ВМРО ДПМНЕ. “

Првите коментари околу бриселските евро-разговори на шефот на ДУИ се слушаат се веќе и во албанскиот дел на јавноста и во албанскиот политички кампус во Македонија: тие се движат од проценките дека тоа ќе бидат само „протоколарни средби без никаков конкретен резултат во врска со надминувањето на спорот за името“ се‘ до тврдењата со наводни повикувања на неофицијални и неименувани извори во ДУИ дека „Ахмети од авторитетите во Брисел ќе побара јавно да се зголеми притисокот врз Никола Груевски, бидејќи тој не е подготвен за решавање на спорот со Атина“.

ДУИ: „Македонија како име и регион е дел и од албанското историско наследство“

Се актуелизира уште еден аспект во контекстот на позицијата на ДУИ кон засега блокираната евроинтеграција на Македонија: какво е расположението на сонародниците на Ахмети на овој план, со оглед дека сондажите на Институтот „Павел Шатев“ од Скопје тврдат дека „албанската популација е опфатена од апатија и незаинтересираност околу спорот со Грција“?

Mala Recica, Ort nahe Tetovo, Mazedonien
ДУИ, Мала РечицаФотографија: Petar Stojanovski

Официјално партијата на Ахмети веќе ги има отфрлено резултатите од оваа сондажа со ставот дека „„Македонија како име и регион е дел и од албанското историско наследство“. Според ДУИ, „таквите нарачани сондажи предизвикуваат сериозни и опасни поделби во македонското општество, тешко наштетувајќи им на општите определби за постигнување етничка кохезија во земјата“.

Рафиз Алити од ДУИ посочува: „Напротив, Албанците се многу заинтересирани да се реши овој спор.“

Професорот Малиќи истакнува: „Албанците имаат повеќе разбирање кон своите сограѓани-Македонци во однос на она што претставува за нив промената на името на земјата. Албанците апсолутно не се апатични, не се незаинтересирани. Една е вистина - дека тие се повеќе се заинтересирани од Македонците за тоа Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ. Ова го покажуваат веќе и показателите на сите истражувања. Апсолутно кај Албанците никако нема да опадне интересот за интегрирање на земјата во евроатлантските структури.“

Замореност од постојано докажување

Блерим Река, професор по меѓународно право на Штуловиот универзитет во Тетово и донеодамнешен амбасадор на Македонија во нејзината ЕУ-мисија во Брисел на неодамнешната дебата „Евроинтеграцијата како инструмент за стабилност и безбедност“ на Штуловиот универзитет и‘ упати и своевидна порака на ЕУ: „Сега Македонија и другите земји од Западниот Балкан не претставуваат некоја опасност. Колку-толку стабилноста е постигната во оваа прва декада. Повеќе не постојат потенцијали за нови војни, за нови нестабилности, за некои нови ’геополитички екскурзии’. Во врска со спорот за името сметам дека тоа е многу важно прашање за Македонија, но, исто така многу важна треба да биде и нејзината внатрешна стабилност, која зависи и од меѓуетничките односи. Интересно: во Европа Европејците говорат за замореноста од проширувањето. Но, свесно или несвесно забораваат дека постојат институционална замореност, како и еден друг вид замореност од која јас се плашам: ’замореност во посветеноста’, или замореност од давањето резултати, поднесувања извештаи, веќе цела една декада во овој век. Ако Европејците се плашат од новите зачленувања и манифестираат ’институционална замореност’, тогаш и ние, од Балканот, започнавме да се заморуваме од секојдневни повеќегодишни вежби, домашни задачи, рапортирања."

Tetovo, Mazedonien
Дали и кај граѓаните ќе се појави замореност од докажување кон ЕУ?Фотографија: Petar Stojanovski

Притоа, Река предупреди: „Може да дојде до она што се случува веќе во Хрватска: видете го само дијаграмот на јавното мислење во таа земја на почетокот, кога се‘ почна со голем ентузијазам, а видете го и сега само на една година пред пристапувањето – каков е падот на поддршката на граѓаните! Јас се плашам од ова и сметам дека ЕУ не би требало да дозволи да опадне ентузијазмот, поради ’замореноста на посветеноста’ на овие земји. Потребна е пофлексибилна и попроактивна политика кон Западниот Балкан во втората декада. Ниту една од земјите во овој регион не стана членка на ЕУ во првата декада. Најоптимистичното сценарио е, ајде да речеме, дека Хрватска ќе влезе во Унијата во 2012. или во 2013 година. И толку. Приказната завршува!“

Предупредувања од Брисел?

Се‘ на се‘, од октомвриските бриселски средби на Али Ахмети треба да произлезе и одговорот на прашањето: може ли да се случи тој да ја разгледа својата натамошна позиција во владата на ВМРО ДПМНЕ, ако се покаже дека е неможен компромис со Атина на подолг временски рок? Случајно, или не, на неколку дена пред заминувањето на Ахмети медиумите на албански јазик во Македонија објавуваат свои анализи дека наводно нему „Брисел ќе му порача неговата партија да не ја напушта владата, бидејќи со тоа ќе се доведе во опасност стабилноста на земјата“ Овие информативни гласила пренесуваат ставови, наводно лиферувани од Брисел, дека „Унијата е вознемирена поради заострувањето на односите меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ и поради нагласените незадоволства во редовите на партијата на Ахмети наспроти политиката на Груевски околу прашањето на името".

Прашање е во колкава мера се ова можеби „медиумски балони“, кои се лансираат од редовите на самата Демократска унија за интеграција во функција на испраќање порака до Груевски.

Отпочнувањето преговори во насока кон интегрирање со ЕУ и влезот во НАТО беше инаку еден од клучните програмски приоритети на ДУИ, кои не се исполнети.

Дали бриселската „шатл – дипломатија“ на Ахмети е во функција и на „купување повеќе време“ во очекување конечно да се дојде до компромисот со Грција?

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска