Шумахер на „таен третман“ во париска болница
10 септември 2019Поранешниот шампион во Формула 1 Михаел Шумахер бил примен во париска болница на „таен третман“, тврди францускиот весник „Паризиен“. 50-годишната тркачка легенда доживеа тешки повреди на главата и мина повеќе месеци во кома по несреќа во француските Алпи во декември 2013 година.
Оттогаш не е виден во јавноста, а неговите пријатели велат дека не е способен да оди и да комуницира.
„Паризиен“ јавува дека врз Шумахер ќе биде извршена операција со матични клетки на кардиоваскуларната клиника во центарот „Жорж Помпиду“ од страна на францускиот хирург Филип Менаш.
Францускиот весник го опишува хирургот како „пионер во терапијата со матични клетки“.
Според „Паризиен“, Шумахер веќе на двапати добивал сличен третман со матични клетки во истата болница во изминативе години. Се очекува утре да биде отпуштен од болницата, а целта на третманот е да го намали мозочното воспаление.
Шумахер е најуспешниот пилот во Формула 1 со седум титули светски шампион и 91 победа во кариерата која траеше речиси 25 години.