1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што сакаше да каже Путин?

Е.М.Фиданоска /дпа/афп/ард31 август 2014

Шефот на Кремљ Владимир Путин од украинската влада побара почеток на разговори со сепаратистите за статусот на источниот дел на Украина. Кремљ веднаш потоа излезе со толкување за тоа што сакал да каже Путин.

https://p.dw.com/p/1D4Py
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ria Novosti

„Итно треба да почнат супстанцијални содржински преговори, не за технички прашања, туку за прашањата на политичка организација на општеството и државноста на југоистокот на Украина“, изјави денеска (31.08) рускиот претседател Владимир Путин во интервју за руската државна телевизија. Целта на преговорите, според Путин, мора да биде - заштита на интересите на луѓето во источна Укриана.

Веднаш по интервјуто на рускиот претседател, Кремљ толкуваше што значат неговите зборови. Портпаролот на Путин, Димитри Песков, пред новинарите во Москва изјави дека е „се разбира“ оти „Новорусија“ треба да остане дел од Украина. Станува збор за внатрешен конфликт, се вели од Кремљ.

Заштитата на руското население Путин веќе го искористи како аргумент за влез на руски војници на Крим. По анексијата на полуостровот тој за источните делови на Украина повеќе пати го користеше терминот „Новорусија“. Како образложение тој наведува дека источна и јужна Украина некогаш и‘припаѓале на Русија. Според набљудувачите, тоа е знак дека Путин ги става под знак прашалник државните граници на Украина. Сепаратистите во источна Украина поимот „Новорусија“ го користат како знак за отцепување од Украина.

Путин во интервјуто денеска постојано овој регион го означуваше како Новорусија, но без да бара основање држава под ова историско име, како што тоа го бараат сепаратистите. Русија во минатото се изјаснуваше за федерализација на источна Украина. Москва досега ги нема признато самопрогласените народни републики - Доњецк и Луганск.

Втор руски конвој на границата

На границата на Русија и Украина, во меѓувреме, веќе е испратен нов руски конвој со помош. Целта на 280-те камиони е источна Украина. Конвојот во регионот Ростов чека на влез во кризниот регион Донбас, јави руската државна телевизија. Помошта, која се состои од храна, вода за пиење и лекови, како што се вели, е стигната со возови, а потоа е претоварена во камиони. Времето кога конвојот ќе ја мине границата и рутата по која ќе се движат камионите е тајна. Засега нема потврда од страна на владата во Киев или друг независен извор. Москва тврди дека Украина претходно дала принципиелна согласност за влез на втор руски конвој на украинска територија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот (29.08) на прес-конференција изјави дека прашањата на обезбедување на конвојот ќе ги расчистат претставници на Украина, Русија, сепаратистите и ОБСЕ.

Пред еднаипол недела првиот конвој со помош од Москва стигна во Луганск. Колоната ја мина границата без согласност на Киев. Украина потоа го обвини соседот за инвазија.

28.08.2014 DW online Karten Ukraine Seperatisten ENG
Фотографија: DW

Киев и Москва разменија заробеници

Според медиумски извештаи, Русија и Украина овој викенд (30/31.08) размениле заробеници. Украина ослободила руски падобранци уапсени на украинска територија, јавуваат руските новински агенции, повикувајќи се на изјава на заменикот командант на руските десантни сили Алексеј Рагосин.

Русија, од своја страна, ослободила 63-ца украински војници, кои како што се вели, биле на руска територија. На размената и‘ претходеле тешко преговори. Сепаратистите во источна Украина тврдат дека ослободиле повеќе од 200 припадници на владините украински сили, кои и‘ биле предадени на украинската страна во регионот на Доњецк. Украинската влада нема дадено потврда за ваквата информација.