1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на Ауди во притвор

ЖА / агенции
18 јуни 2018

Нов удар за автоиндустријата: шефот на Ауди, Руперт Штадлер е досега највисок менаџер по ранг кој е уапсен во дизел-аферата.

https://p.dw.com/p/2zm0M
Deutschland PK Audi
Фотографија: Reuters/L. Barth

Во дизел-скандалот на Фолксваген, со првиот човек на Ауди, во притвор се најде првпат член на највисокиот раководен круг. Основниот суд во Минхен денеска издаде налог за притвор на шефот на Ауди, Руперт Штадлер, кој потоа рано утрото е приведен во Инголштад. Притворот е образложен со опасноста менаџерот да се обиде да ги замагли и затаи работите за кои е осомничен, односно зашто постои опасност од уништување документи или влијание врз сведоци.

Засега Штадлер не дал никаква изјава, а неговото сослушување е предвидено најдоцна за до среда. Концернот го потврди притворањето на својот менаџер, кој на чело на Ауди е 11 години, а адвокатот на Штадлер одби секаков коментар. Надзорниот одбор на Фолксваген вечер ќе се состане за да го разгледа случајот со Штадлер, но и вкупниот процес на разјаснување на дизел- скандалот.

Минатата недела Обвинителството од Минхен започна истражна постапка против Штадлер и уште еден член на раководството на Ауди , кои ги сомничи за измама и злоупотреба на службената положба. Двајцата менаџери извршиле пуштање во сообраќај на дизел-автомобили со манипулиран софтвер за мерење на издувните штетни гасови во Европа, тврди Обвинителството.

За шефот на Фолксваген, Херберт Диз, истрагата против Штадлер полека прераснува во сериозен проблем, со оглед на тоа што тој во реконструкцијата на концернот од Волфсбург се потпираше на шефот на важниот дел - марката Ауди. Во медиумите изминатите месеци постојано се шпекулираше за отпуштање на Штадлер, но инсајдерски информации тврдеа дека нема цврсти докази за негова вмешаност во скандалот со дизел-возилата, а тој самиот отфрлаше оставка.

По разоткривањето на  манипулациите со вредностите на издувните гасови на дизел-моторите  во САД, Штадлер знаел дека ист случај е и со возилата во Европа, но сепак не наредил стопирање на производството.

Од 2009. година, Ауди продал околу 220.000 дизел-автомобили во САД и Европа со манипулиран софтвер. Од крајот на 2015. година шест раководни членови на Ауди мораа да ги напуштат функциите.