1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Мијалков жалат за црната листа на САД

ДТЗ
12 април 2022

Сашо Мијалков и Никола Груевски изразија жалење за одлуката на САД да ги санкционира. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека „црната листа би можела да се прошири со најмалку уште еден поранешен премиер“

https://p.dw.com/p/49pLO
Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Одлуката на САД да ја прошират црната листа со имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, предизвика реакции во земјата. Груевски и Мијалков се огласија преку социјалните мрежи и изразија жалење за одлуката на САД да ги стави на листата на санкционирани лица не само нив, туку и нивните семејства.  Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, порача дека „црната листа би можела да се прошири со најмалку уште еден поранешен премиер и неговиот брат кои се уште ги црпат привилегиите на власта на СДСМ“.

САД бараат одговорност

Американското министерство за финансии во понеделникот (11.02) ја прошири црната листа, на која се најдоа и имињата на двајцата поранешни македонски високи функционери. На листата се најде и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. KFT. ( I.C.I.C. LTD.), со адреса во Унгарија, која што е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски. Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чекор како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите

Експремиерот Груевски станува бизнисмен, регистрирал фирма во Унгарија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави дека Стејт департментот и Министерството за финансии презеле акција за санкционирање на актерите во Западен Балкан за дестабилизирачки и коруптивни активности.

„САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“, напиша Блинкен на Твитер.

Жалење за одлуката

Груевски се огласи од Унгарија со објава на Фејсбук во која вели дека наводите поради кои бил ставен на листата „се неточни информации“ кои во најголем дел произлегувале од долгогодишниот политички прогон кој против него се водел во Северна Македонија. Иако немал никаков имот во САД, тој додава дека чуствувал голема неправда, бидејќи работел чесно и одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можел се трудел да не ги загрози интересите на сојузниците на земјата. 

„Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на балканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници како што на пример беше Џорџ Сорос, кој вложи многу напори и финасии за соборување на владата која ја предводев“, вели Груевски.

И поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, изрази жалење на Фејсбук поради одлуката на САД. Оцени дека таа се базира на конструкции и дезинформации за кои смета дека со време ќе се докаже дека се „неиздржани“.

„Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде коригирана. Секогаш сум ги бранел и ќе ги бранам интересите на Македонија“, порача Мијалков.

Да се прошири црната листа

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, во врска со одлуката на САД, во изјава за „Локално“ оценува дека се работи за автономна и независна одлука на Стејт департмент која е донесена врз податоци и информации со кои располагаат. „За оваа одлука не би имале што повеќе да додадеме, освен веќе докажаниот факт дека таа црна листа би можела да се прошири со најмалку уште еден поранешен премиер и неговиот брат кои се уште ги црпат привилегиите на власта на СДСМ. Дополнително напоменуваме дека СДС е партијата која е во коалиција со две партии чии лидери се на црната листа на САД, ДПА и Обединети за Македонија„ е ставот на партијата.

Освен Груевски и Мијалков, списокот со санкционирани лица и ентитети на Министерството за финансии на САД вклучува и други функционери од Западен Балкан.

Проширувањето на црната листа е донесено во согласност со декретот на претседателот на САД, Џо Бајден од минатата година со кој им се дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија.

Декретот носи наслов „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.