Успешна премиера
1 ноември 2021Првите македонски избори со електронско гласање завршија успешно, оцени по вчерашниот втор круг на локалните избори на претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. тој на синоќешната преконференција оцени дека ова биле едни од најтешките избори во поновата во поновата историја на државата.
„Како што кажав, првиот круг ќе биде малку потешко, затоа што не е извежбано, меѓутоа вториот круг помина речиси 100 проценти успешно и понатаму очекуваме усовршување на овој процес. Беше битно да се почне, секогаш има детски болести, меѓутоа ако не почнеме ќе може да заостанеме во целокупниот развој, а се работи за прилично важна категорија за развој на демократијата“, изјави Даштевски.
Тој им се заблагодари на членовите и вработените во ДИК, како и на политичките партии, медиумите, печатницата, компанијата што ја изработи апликацијата.
Повеќе: Заев поднесе оставка од премиерската и партиската функција
Даштевски освен тоа синоќа ги објави и првите неофицијални податоци од гласањето во вториот круг во кој беа избрани градоначалници во 43 општини и во град Скопје.
Според нив во вториот круг, опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 20 општина, СДСМ во седум, ДУИ во седум, Алијанса за Албанците – Алтернатива и Беса по две, и по едно градоначалничко место имаат освоено ДПА, ГРОМ и Коалицијата ЛДП-ДОМ.
Во вториот круг победија и независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, независниот кандидат Максим Димитриевски во Куманово, и независниот кандидат во Дебарца, Зоран Ногачески.
Конечните резултати, како што најави Даштевски ДИК ќе ги објави во текот на денешниот ден.