1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: да се искористи предноста на предлогот на Комисијата

Александар Методијев10 октомври 2012

„Силно верувам дека она што го предлага Комисијата целосно одговара на рамката на ОН и имам силна причина да го кажам тоа“, рече еврокомесарот Штефан Филе одговарајќи на прашања од европратениците во Брисел.

https://p.dw.com/p/16NGV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Изјавата се однесува на делот од извештајот за Македонија во кој се забележува дека „Европската комисија е подготвена да презентира без одложување план за преговарачка рамка, која исто така ја зема в предвид потребата за решавање на прашањето за името во раните фази на преговорите за пристапување“. Филе пред евриоратениците изјави дека му е драго „што има обновени контакти и сигнали, но и нови средби што г-нот Нимиц може да ги одржи“. „Она што го предлага Комисијата може само да придонесе за таквата атмосфера“, додаде Филе. Тој ја поздрави грчката посветеност во кризни времиња за решавање на проблемот со името.

„Забележавте дека имавме консултации во Атина и во други земји членки за бројни прашања. Јас многу го ценам тоа што и покрај бројните проблеми од економска и финансиска природа, и покрај притисокот од тоа, авторитетите во Атина се фокусирани на нивното идно претседавање со ЕУ и нивниот фокус е на Западниот Блакан и ЕУ. Во тој контекст го разгледувавме прашањето за името и како да се пристапи кон него. Го поздравувам меморандумот испратен до Скопје. Тоа е чекор напред, и е важен чекор и многу се надевам дека реакциите од Скопје ќе осигураат меморандумот да ги рефлектира интересите на двете страни. Се очекува и конструктивната посветреност и на политичарите во Скопје и во Атина, и тоа ќе ни овозможи искористување на овој и други чекори и искористување на предноста на она што Комисијата годинава го нуди“, рече Филе одговарајќи на прашањата поставени од дел од европратениците во однос на Македонија.

Грчкиот европратеник Николаос Хундис забележа дека во новите извештаи за земјите од Западен Балкан има пооптимистички временски рамки отколку во претходните извештаи, но и дека Комисијата направила промена во однос на некои области. „Гледам промени во однос на Поранешната југословнеска Република Македонија и Косово“, забележа Хундис.

Марија Елени Копа, исто така европратеник од Грција, на еврокомесарот Филе му рече дека „нема одговор од владата во Скопје за предлогот од грчка страна“, мислејќи на предлогот за потпишување меморандум за преговорите за името испратен од грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос до македонските власти. „Дали ќе ја охрабрите македонската влада да не ја испушти оваа можност“, праша европратеничката.

Plenarsaal Europäisches Parlament in Brüssel
Филе најпрво ги презентираше извештаите во Европскиот парламент во БриселФотографија: picture-alliance/dpa

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит му честиташе на Филе за „позитивната препорака за Македонија“, додавајќи дека „во Скопје сакааат да видат напредок“. Хауит го поздрави и користењето на придавката „македонски“ според рамката во ОН.

„Комисијата не прави компромис за прашањето за името. Комисијата го нагласува тоа дека решавањето на прашањето во раната фаза на преговорите ќе биде корисно во тој процес“, рече еврокомесарот Филе. Тој додаде дека треба „да се засили поентата сега, кога се објавува извештајот, и до декемврискиот состанок на Советот да продолжи дијалогот, да се даде конструктивен придонес за решавање на ова прашање и Македонија да се придвижи напред“.

Во однос на Македонија, Филе се приклучи кон повикот на европратеникот Хауит „до политичките партии во коалицијата да работат заедно во духот на Охридскиот рамковен договор“.

„Извештајот за функционирањето на Охридскиот рамковен договор е едно од достигнувањата на Пристапниот дијалог на високо ниво. Не се работи само за засилување на соработката во коалицијата, туку и надвор од линијата на етничко малцинство и етничко мнозинство“, рече Филе.

Дел од европратениците се надеваат дека нема да мора да има петта препорака за почеток на преговорите за Македонија. Тие рекоа дека извештаите се рална оценка на состојбата во земјите, при што се одбрани зборови за нивно охрабрување.