1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште една шанса за историски договор меѓу Белград и Приштина

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски20 март 2013

Седмата рунда разговори меѓу премиерите Дачиќ и Тачи треба да покаже дали има напредок во клучната фаза на дијалогот. Во Брисел се надеваат на позитивен исход, но ја навестуваат и „можноста за договор“ до 22 април.

https://p.dw.com/p/180Vx
Фотографија: Christos Dogas/ European Commission

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон денеска (20.03.2013) по седми пат ќе се обиде да им помогне на премиерите на Србија и на Косово да ги приближат ставовите и да постигнат „оддржлив и видлив“ напредок во насока на нормализација на односите. И додека на претходните рунди разговори во Брисел ги врзуваа епитетите „клучни“ и „одлучувачки“, она што овој состанок го издвојува од претходните е фактот дека му претходеше силна дипломатска активност и консултации, особено на линија Брисел- Белград и Брисел- Приштина.

И додека од Белград и од Приштина пристигнуваа различни интерпретации за можниот договор кога станува збор конкретно за српските општини на Косово, кој би бил клуч и за сеопфатното решавање на косовското прашање, во Брисел го повторуваат официјалниот став дека и натаму се чека на договор меѓу двете страни.

Dialog Belgrad-Pristina
Фотографија: DW/Marina Maksimovic

„За секој договор во дијалогот потребна е согласност од едната и од другата страна односно од двајцата премиери. Нашите напори се насочени кон постигнување напредок во дијалогот. Госпоѓата Ештон беше во Белград и во Приштина, имаше интензивни консултации и таа работа продолжува и натаму“, изјави портпаролката на Ештон, Маја Коцијанчиќ.

Априлски рок

Од Брисел порачуваат дека очекуваат да видат „пробив“ во дијалогот и тоа го нарекуваат „историска шанса“ за двете страни, вклучително и за Европската унија. Според зборовите на директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Пјер Мирел, тоа е шанса да се покаже дека „тешки и чувствителни прашања можат да се решат преку преговори и компромис“.

Пред доаѓањето во Брисел, косовскиот премиер Хашим Тачи порача дека „договор со Србија е можен ако таа се откаже од ’создавање на Република Српска’ на територијата на Косово“. И додека Приштина и натаму инсистира на решение, кое би било во рамките на Уставот и на законите на Косово, од Белград пристигнуваат противречни информации, од такви дека „Приштина попуштила“ до такви дека „Приштина не се помрднала многу од својот почетен став“ дека на заедницата на Срби на Косово не треба да добие извршни овластувања.

Дипломатски извори во Брисел сметаат дека договор околу надлежностите е возможен, но исто така ја споменуваат можноста за оддржување уште некоја рунда разговори во претстојните денови кои му претходат на т.н. „априлски рок“. Иако досега 16 април важеше за „Денот Д“ , кога Европската комисија и Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика треба да ги известат земјите-членки за напредокот на Србија и на Косово во реформскиот процес и во дијалогот од кабинетот на Ештон порачуваат дека за 22 април е предвидено нејзино обраќање до Советот на министри на ЕУ, кои до јуни би требало да ја разгледаат можноста за покренување преговори за членство на Србија во Унијата односно за разговори за стабилизација и асоцијација со Косово.

И Белград и Приштина, меѓутоа би требало да го имаат предвид предупредувањето на земјите-членки на ЕУ да не чекаат до последен момент за постигнување договор, и оти од договорот е поважна неговата имплементација, порачуваат во Брисел.