1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турски дипломати бараат заштита во Германија

ЕМФ /агенции
8 октомври 2016

Турски дипломати побарале азил во Германија по неуспешниот обид за пуч во Турција. Барањето е политички жежок костен, затоа што може натамошно да ги влоши напрегнатите германско-турски односи.

https://p.dw.com/p/2R2BI
Botschaft der Türkei in Berlin Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Kappeler

Тројца турски дипломати побарале азил во Германија по неуспешниот обид за пуч во Турција, меѓу нив веројатно и воениот аташе во турската амбасада во Берлин, јавуваат „Зиддојче цајтунг“, НДР и ВДР, повикувајќи се на извори во германската влада. Дипломатите од страна на Анкара се осомничени дека се блиски до движењето на Ѓулен, кое турската влада го обвини за пучот.

Тешките билатерални односи со тоа би можеле да бидат ставени на нова проба, затоа што Германија мора да донесе одлука дали барателите на азил, кои од страна на Анкара се осомничени како пучисти, би биле во Турција изложени на политички прогон. Турската влада ја поништи важноста на пасошите на осум дипломати во Германија. Портпарол на турската амбасада изјави: „Точно е дека дел од дипломатите се повикани назад во Турција.“

Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) сѐ уште не донесла одлука по барањата за азил, се вели во Берлин. Не е потребно да се брза, со оглед на фактот дека дипломатите се заштитени од протерување сѐ додека постапката е во тек.

Од обидот за пуч на средината од јули турската влада уапси 32.000 луѓе, поради наводни врски со движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кое е обвинето за пучот. Од служба се суспендирани илјадници војници, полицајци, службеници во министерства, како и наставници и доценти. Уапсени се и голем број критички настроени новинари и научници. Критичарите ја обвинуваат владата дека го користи воениот пуч како покритие за да ги замолчи своите противници.