Тед Круз не му даде поддршка на Доналд Трамп
21 јули 2016Американскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, е исвиркан на изборната конвенција на Републиканската партија во Кливленд затоа што не му даде поддршка на кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп.
Круз, кој во внатрешнополитичката изборна трка заврши на второто место, му честиташе на Трамп на победата, но за време на говорот не ја поддржа кандидатурата на Трамп, не ги повика своите симпатизери да гласаат за њујоршкиот милијардер, ниту пак рече дека тој ќе гласа за него. „Сакам да видам дека принципите во кои верува нашата партија ќе победат во ноември“, рече Круз и ги повика граѓаните „да гласаат според својата совест“.
„Гласајте за кандидатите од листата за кои верувате дека ќе ја бранат нашата слобода и оти ќе бидат верни на Уставот“, рече Круз.
Над 2.000 делегати на конвенцијата одговорија со свирежи и го прекинуваа во говорот со извикување на името на Трамп. Негодувањето беше толку интензивно што сопругата на Круз, Хејди, мораше да слезе од бината.
Свиркањето престана кога во арената неочекувано влезе Трамп додека Круз го завршуваше говорот. Делегатите го поздравија со голем аплауз извикувајќи го неговото име.
Судири пред конвенциската сала
Асистентот на Круз, Џејсон Џонсон, изјави дека сенаторот во телефонски разговор пред два дена му рекол на Трамп оти нема да го поддржи за време на говорот на конвенцијата.
Трамп во порака на Твитер напиша оти обраќањето на Круз „не е голема работа“ и дека го видел неговиот говор два часа порано, „но сѐ едно го оставил да зборува“.
Официјален кандидат за финкцијата потпретседател на САД кај Републиканците сега е Мајк Пенс. Гувернерот од Индијана ја прифати номинацијата на конвенцијата во Кливленд. Трамп го одбра 57-годишниот Пенс, за да му угоди на социјалконзервативното и евангелско крило на партијата. Пенс се заложи за единство во партијата и потсети на неговиот политички идол, пранешниот американски претседател Роналд Реган.
Турбуленциите од внатрешноста на конвенциската сала продолжија и надвор од неа: на маргините на конвенцијата дојде до судири меѓу противниците на Трамп и полицијата. Двајца полицајци се повредени, а 18 лица приведени, соопшти полицијата во Кливленд. Насилните конфронтации избувнале откако демонстрантите се обиделе да запалат едно американско знаме.