1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Многу посилна од атомската бомба во Хирошима

СН/агенции
25 јануари 2022

Масивната вулканска ерупција кај Тонга ослободила енергија еквивалентна на околу 4 до 18 мегатони ТНТ, соопшти НАСА. Тоа е далеку повеќе споредено со експлозијата на атомската бомба над Хирошима во 1945 година.

https://p.dw.com/p/462FZ
Сателитска фотографија на ерупцијата на вулканот кај Тонга, која предизвика и цунами
Сателитска фотографија на ерупцијата на вулканот кај Тонга, која предизвика и цунамиФотографија: CIRA/NOAA/REUTERS

Ерупцијата на подморскиот булкан во близина на пацифичката островска држава Тонга, која предизвика цунами, била стотици пати посилна од атомската бомба која амеркиканските трупи ја фрлија на јапонскиот град Хирошима за време на Втората светска војна, тврди НАСА. „Ова е прелиминарна проценка, но веруваме дека количината на енергија ослободена од ерупцијата е еквивалентна на околу 4 до 18 мегатони ТНТ“, американската вселенска агенција го цитираше научникот на НАСА, Џим Гарвин. Експлозијата ослободи стотици пати повеќе механичка енергија од нуклеарната експлозија која во голема мерка го уништи јапонскиот град Хирошима во 1945 година.

Ерупцијата го „избришала“ вулканскиот остров северно од Нукуалофе, главниот град на Тонга, се наведува.

Од Тонга велат дека над четири петини од населението е погодено од цунамито и од пепелот кој ја прекри областа.

Пред ерупцијата, вулканскиот остров Хунга Тонга-Хунга Ха'апаи претставувало два острова, кои се споиле со појавување на ново парче земја кое се формирало во 2015 година. НАСА вели дека ерупцијата била толку моќна што земјата од 2015 година исчезнала, како и „големи делови“ од двата острова.

Од пепелот исфрлен при ерупцијата на вулканот, страдаат 85 проценти од жителите на Тонга
Од пепелот исфрлен при ерупцијата на вулканот, страдаат 85 проценти од жителите на ТонгаФотографија: picture-alliance/dpa

Широко распространетата емисија на вулкански пепел, гасови и честички, како последица од ерупцијата, ги ставила официјалните лица во Тонга пред големи предизвици.

Непосредно по ерупцијата и цунамито, постоел страв дека изворите на вода се загадени со дебели слоеви пепел, зголемувајќи го ризикот од болести како колера и дијареја.

Сепак, во последните денови е утврдено дека подземната вода и дождовницата се добри за пиење, соопштија официјалните лица.

Меѓутоа, ситниот вулкански пепел и гасовите и натаму претставуваат ризик за јавното здравје.

Изложувањето може да предизвика потешкотии со дишењето, лошо влијае на кардиоваскуларниот систем и ги иритра белите дробови, очите и кожата.