1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската дипломатија како „Ѕвездите на Гранд“

Ивица Петровиќ
13 октомври 2017

Тоа што Ивица Дачиќ во секоја пригода се фаќа за микрофон и пее, може да биде и симпатично. Но, опасно е кога зад естрадизацијата и старлетизацијата на српската надворешна политика се крие чист дилетантизам!

https://p.dw.com/p/2llWF
Mikrophon Mikrofon Symbolbild Pop Musik Bühne Sänger Band
Фотографија: Fotolia/nikkytok

Вокалниот настап на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за време на посетата на турската делегација предводена од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наиде, очекувано, на поделени реакции. Пеењето на српскиот министер во првиот момент предизвика лавина критики. Критичарите ги осудија неговите „обработки“ на „Миљацка“ и „Осман Ага“ како невиден срам за Србија, српската дипломатија, народот и предците. Кога олујата стивна, се јавија и малку поинакви гласови, кои во настапите на Дачиќ не гледаат ништо страшно, дури сметаат и дека е симпатичен.
Новинарот на неделникот Време, Дејан Анастасијевиќ за ДВ вели дека настапот е веќе дел од познатиот имиџ на Дачиќ. „Мислам дека сепак поради тоа не треба да се потценува политичката тежина на Дачиќ, кој е политичар со големо искуство и преживеа сешто на политичката сцена во Србија“, вели тој. Иако дипломатијата би требало да биде сериозна работа, Анастасијевиќ обрнува внимание дека и британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон имаше некои комичарски излети „и дека и сега е познат по доста контроверзните настапи“. „Што се однесува до мене, ова што го прави Дачиќ и не е така лошо. Малку забава никогаш не е на одмет“. 
Жовијалниот стил на српскиот министер може да биде меч со две острици, смета надворешно-политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ. „Во одредени ситуации тоа може да биде шармантно и на тој начин да остварите посрдечна и непосредна комуникација. Но, кога Дачиќ не пропушта речиси ниту една прилика да држи микрофон, прашање е колку е тоа симпатично за другата страна? Да го правеше тоа некој друг наместо Дачиќ, можеби би имал разбирање, но кога се работи за некој кој не научи англиски, тогаш тоа ми делува како компензација која не може да фасцинира. Накусо, веројатно нема да донесе голема штета, но ни некоја корист“.

Владините ходници како Гранд продукција

Во текот на последните години се забележува и феномен на ткн. старлетизација на Министерството за надворешни работи, откако во дипломатска служба беа примани лица кои наместо искуство и знаење имаат силикони и провокативни профили на социјалните мрежи. Како некој ќе изгледа и ќе се облекува е секако приватна работа и слободен избор, но е лошо кога атрибутите ти се единствена квалификација. Таа старлетизација на некој начин беше и вовед во естрадизација на надворешната политика.
Јакшиќ забележува дека процесот на старлетизација ги зафати и другите државни институции. Сето тоа, вели тој, спаѓа во „поширокиот корпус на политиката во Србија која навистина потсетува на ријалити програми. Доколку поентата беше јавноста да се засени со убавина, мислам дека наместо тоа добивме засенување со простотилак и незнаење“, вели Јакшиќ. 
Анастасијевиќ додава дека е тешко да се утврди колку процесот на старлетизација ги зафати државните институции, но истакнува дека неодамна имал можност да прошета по владините ходници и дека тоа што го видел таму „навистина потсетува на ходниците на розевата телевизија или Гранд продукција. Се плашам дека вработувањето врз основа на силикони и други атрибути ги зафати и другите делови на владата и ми се чини дека тоа не е ексклузива само на Министерството за надворешни работи. Но, тоа е дел од политиката на оваа власт, бидејќи на сите важни позиции се поставуваат ним блиски кадри, а не само старлети. Оттука, тој проблем на корупција и непотизам е далеку поширок и посериозен“, вели Анастасијевиќ.