1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: „да“ за ЕУ, „не“ за Косово

Избор: Зоран Јордановски30 јуни 2015

Српско-косовските преговори во фонот на желбата на Белград за членство во ЕУ, поуките од Сребреница и влијанието на грчката криза врз нејзиното опкружување се теми во пишуувањето на весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1FqBU
Фотографија: CC BY-ND- Congress of local and regional authorities

„Србија сака во ЕУ. Но, признавање на Косово очигледно и’ е премногу“, констатира „Зиддојче цајтунг“ во текстот со наслов „Белградската квадратура на кругот“. Повод за текстот се преговорите меѓу Белград и Приштина, кои досега не го дадоа очекуваниот резултат.

„Преговорите фактички се’ уште не се ни почнати. Тоа се должи на недоволниот напредок меѓу Белград и Приштина, како и на тоа дека Србија тапка во место и кај реформите во правосудството и владеењето на правото, како што констатираа граѓански групи од Белград на почетокот на јуни. Настрана од пријателската реторика во однос на Европа, Белград има проблеми да го најде патот кон неа. Претседателот Томислав Николиќ, кој остварува блиска соработка со (премиерот - н.з.) Вучиќ, неодамна претстави план со кој се оспорува независноста на Косово и се предвидува само автономија во рамки на Србија. (...) Неколку дена подоцна и Вучиќ остро критикуваше дека Србија била ’уценувана со Косово‘“. Во текстот потоа е спомнато поставувањето споменик на атентаторот од Сараево 1914. Гаврило Принцип во Белград, „една, од агол на гледање на Брисел или Берлин, иритирачка церемонија“, како и дека тој е дониран од премиерот на Република Српска Милорад Додик. Спомената е неговата блискост со рускиот претседател Путин, па се констатира: „Во таков фон не е многу вчудовидувачки минималниот напредок на Србија на патот кон Европа“.

„Поуките од Сребреница, 20 години потоа“

Во гостински коментар на ова тема во весникот „Ди велт“ на почетокот се потсетува на убиството на преку 8 илјади младинци и мажи пред 20 години од страна на српски паравоени единици во Сребреница, која од ОН беше прогласена за „заштитена зона“, чувана од холандски војници, кои како „сини шлемови“ пасивно го набљудуваа масакрот.

Поуката од тој трагичен настан е дека „Германија денес треба безбедносно-политички повеќе да се ангажира“ (...) „поради одговорноста од нашата историја“ и „поради нашата хуманитарна должност“ - цитирана е Урсула фон дер Лајен, министер за одбрана. Тој ангажман треба поконкретно да биде обработен во една нова „Бела книга за безбедносната политика и за иднината на Бундесверот“.

Во текстот понатаму се вели: „Помина времето на вербални определби. Едно ефикасно глобално обезбедување на мирот не само што е во интерес на Германија и на Европа, туку тоа произлегува и од историската одговорност на една земја, која во светот донесе толку страдање“. Авторите на коментарот Филип Ротман и Сара Брокмаер се залагаат развојната политика „поефикасно отколку досега да се насочува кон превенција на масовни злосторства“, како и да се понудат „клучните воени капацитети и способности (...) за ангажмани кои ќе придонесат за заштита на цивилно население од масовни злосторства и за политичко решение на конфликти“, се“ едно дали под знамето на ОН, НАТО или на ЕУ.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

„И денес има заштитни зони на ОН“, но „некои работи се подобрени по 1995: светската заедница се обврза на одговорност за заштита, за ефикасно да го штити цивилното население барем од масовни злосторства како геноцид. Околу 120 илјади војници, полицајци и цивилни експерти во мировните мисии на ОН се подобро организирани и опремени отколку порано. Речиси сите имаат налог да ги штитат цивилите од насилство, - првенствено со цивилни средства, за загрозените групи навремено да бидат предупредени и да се врши политички притисок врз сторителите. Она што недостасува е ефикасно поврзување на политичките и воените средства“, се вели покрај другото во „Ди велт“.

„Од стабилноста на Грција зависи стабилноста на целиот регион“

Весникот „Ди пресе“ од Виена ги анализира геополитичките влијанија од развојот на настаните во Грција и констатира дека „Грција се наоѓа во една многу важна геостратегиска положба. Таа е истурен пункт на југоисточното крило на ЕУ“. Поради „близината до кризниот регион Сирија и Ирак (...) таа се вбројува меѓу државите кои се особено погодени од бегалското движење кон ЕУ“. За Атина бегалците се „преголем товар, со оглед на сопствената економска и социјална криза“.

„Ди пресе“ укажува и дека „Грција се граничи и со просторот на балканските земји кои уште не се дел од ЕУ“, па вели: „Атина има традиционално добри односи со Србија, најголемата од балканските држави кои привремено уште не се членки на ЕУ. Покрај тоа, таа се граничи и со Албанија и Македонија. Односите на Атина со Македонија се напнати. Причина за тоа е спорот околу името на Македонија и околу тоа, кој смее да полага право на историското наследство на античка Македонија. За релаксирање на тој спор секако не придонесува што во Скопје, главниот град на Македонија, се поставени статуи на Александар Велики. И сегашната грчка влада, навистина, го блокира македонскиот пат во ЕУ. Но, начелно затегнатоста во последно време попушта. Сепак, тоа прашање би можело повторно да биде актуелно ако се влоши внатрешната состојба во Грција. (...)

Доколку - во едно најлошо сценарио - на власт во Атина стигнат десноекстремни партии како „Златна зора“тоа би можело да донесе безбедносно-политички проблеми за целиот регион. Од стабилноста во Грција, на крајот на краиштата, зависи стабилноста на целиот регион.“

Текстот во „Ди пресе“ завршува со осврнување на односите на Атина со Москва, кои „ги поврзуваат историски врски. На тоа се повикаа обете страни кога премиерот Ципрас го посети рускиот претседател Путин. Навистина, прашање е дали Путин може или сака да префрли доволно пари за да и’ помогне на Атина да излезе од тешката ситуација. Но, Русија сега е многу активна во цела Југоисточна Европа. Тој, се рабира, ќе се обиде да го зголеми своето влијание и во Грција, за така да може да собере поени против ЕУ во мечот околу Украина“.