Собранието утре ќе гласа за договорот со Грција
19 јуни 2018Одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се повлече од работата на Собранието и на Комисијата за европски прашања дополнително ќе го забрза изгласувањето на договорот за ставање крај на спорот за името со Грција. Според некои најави од Собранието, откако вечерва ќе биде затворена дискусијата во Комисијата за европски прашања со која раководи Артан Груби од ДУИ, веќе утре би можела да биде закажана пленарна седница на која ќе се гласа за договорот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја критикуваше владината одлука на договорот да му се стави европско знаменце, и со тоа, наместо во Комисијата за надворешна политика со која претседава Антонио Милошоски, тој да оди на разгледување во Комисијата за европски прашања. Според Милошоски, на овој начин владејачкото мнозинство сака да избегне дискусија за, како што рече, фаличниот договор.
„Со договорот, Владата се откажува од сите успеси и напори постигнати од 1991. година до денес, што беше крунисано со признавање од 140 земји на уставното, вклучително и од САД, Канада, Русија и Кина", вели Милошоски.
Стотина противници на договорот денеска протестираа пред Собранието, а потоа се упатија и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде од опозициската партија бараа да им се приклучи на протестите. Демонстрантите беа примени од партискиот лидер Христијан Мицкоски, но тој го одбил нивното барање, ВМРО-ДПМНЕ да им се приклучи на протестите на улица.