1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Среќа што имало камера – таа ги даде одговорите

11 април 2022

Двајца се во притвор, се трага по првоосомничениот. Кај ракометарот биле утврдени четири подливи во мозокот.

https://p.dw.com/p/49kph
Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Тежок викенд остана зад Северна Македонија, по случајот со ракометарот на Бутел, Денис Тот (27) кој почина во болница, откако бил нападнат од три лица пред скопски ноќен клуб на 7-ми април, во раните утрински часови.

Снимките од камерата на ноќниот клуб се покажале како најдрагоцени за истрагата. Според искази на очевидци, Тот наводно со одреден гест испровоцирал девојка, која потоа заедно со уште две лица физички се пресметале со него. Откако Тот паднал по првиот удар, трите лица продолжиле да го удираат. Десетина луѓе го гледале тоа, но никој не се обидел да ги спречи да удираат по лице кое лежи неподвижно.

„Дејствијата се јасно видливи на камерата од клубот. Има и други лица очевидци, кои нe учествуваат вo настанот на никаков начин. Дури кога гледаат дека тој останува да лежи неподвижен, пoчнуваат му даваат помош, масажа на срце...“, објаснува шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.

Наводно и некои од тројцата осомничени кога сфатиле дека тој изгубил свест се обиделе да му дадат помош, но кога виделе дека не реагира – брзо заминале. Како што е познато, лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош, по што сега починатиот бил пренесен во Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. 

Mazedonien Mutter Teresa-Klinik in Skopje
Тот бил пренесен во Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Изгубени во преводот 

Епилогот беше катастрофален. Тот го изгуби животот, јавноста се изгуби во информациски хаос за причините за смртта, а некои институции се изгубија во објаснување и дообјаснување за она што (не) го кажале. 

Практично, несповпаѓањата настанаа по серијата „топло - ладно“. Прво, медиуми објавија дека хрватскиот интернационалец бил брутално претепан пред ноќниот клуб. Потоа стигнаа информациите дека тој бил примен на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), без срцева акција и без траги на насилство. Откако телото беше предадено на обдукција, утврдено е дека смртта настапила како резултат на повреди на мозокот од нанесени удари врз главата.

По ова, во хрватската јавност пораснаа сомневањата - дали некој се обидел да го збошоти случајот, па во шпекулациите се лицитираше со разни персонални врски.

„Мислам дека немало намера да се забошоти случајот“, вели Бубевски. Тоа го изјави и за хрватската РТЛ, додавајќи оти смета дека се работи за лоша медицинска проценка. 

Вонреден надзор 

Од КАРИЛ уште еднаш повторија дека пациентот бил примен без срцева акција, без знаци за живот, и без видливи повреди. За глобалниот оток на мозокот кој бил констатиран на компјутерската томографија, наведуваат дека може да биде од повеќе различни причини, а една од нив е недостатокот на кислород во мозокот и враќањето во живот кое траело половина час. Токму затоа телото без видливи надворешни знаци на насилство и поради нејаснотии за причината за смртта го предале на Институтот за судска медицина. 

Неофицијално, таму биле утврдени четири подливи во мозокот.

Осомничени за убиството се 28-годишниот А. Ѓ. кој е и првоосомничен, 22-годишниот А.К. и 19-годишната К.Л. Двајца веќе се притвор, а првоосомничениот е недостапен за органите на прогонот и по него е распишан централен распис. По налог на судија на претходна постапка извршен бил претрес во неговиот дом и привремено се одземени предмети што ќе бидат доставени на вештачење.

Вчера Министерството за здравство соопшти дека ќе иницира вонреден инспекциски надзор за начинот на прифаќање и третманот на ракометарот Денис Тот. А партиите, наместо да повикуваат против насилство, викендот го поминаа со меѓусебни обвинувања по прашањето - со кого бил близок првоосомничениот за убиството на хрватски ракометар.