Скопје заробено од смог и магла
21 ноември 2016Жителите на Скопје утрово се разбудија во облак од смог и магла. Според мерните инструменти, состојбата е алармантна во повеќе населби во градот, а регистрирано е високо присуство на отровните честички ПМ10. Особено погодени се населбите Гази Баба, Аеродром, Ново Лисиче, Центар и Карпош.
Концентрацијата на ПМ10 честичките кои се особено опасни по здравјето, во повеќе населби е за повеќе од 10-пати над дозволеното.
Стандардна препорака во вакви ситуации е доколку нема потреба, да не се излегува од домовите. Загадувањето во Македонија годишно предизвикува смрт на најмалку 1.300 луѓе. Причините се повеќеслојни, а драматичниот пораст на загадувањето во Скопје во текот на зимските месеци се должи како на географските услови, така и на засиленото греење во домаќинствата каде неретко освен дрва се користи и отпад и гуми.