1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со брз автобус од Лисиче до Ѓорче

ДТЗ
21 април 2021

Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, вели скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, најавувајќи нови автобуси. Проектот треба да биде готов до 2025 година.

https://p.dw.com/p/3sKdO
Petre Shilegov
Фотографија: The City of Skopje

Најдоцна до 2025 година, Скопје треба да добие брз автобуски превоз. Најавите се дека на тој начин патувањето од еден на друг на крај на градот ќе се одвива по двојно пократко време, ќе се намали загадувањето, а ќе се добие и поквалитетен превоз.

Град Скопје најави дека ја започнува постапката за воведување„Бас рапид транзит“, за што се потребни 70 милиони евра, средства кои ќе се обезбедат како заем од Европската банка за обнова и развој. Тендерот за јавна набавка за првата фаза се очекува да биде распишан летово, а најдоцна до 2024-2025 година новиот брз автобуски превоз треба да профункционира. 

-повеќе на темата: Автобуси на струја не се замена за трамвај!

„Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот, согласно условите што ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој го воведува БРТ-системот. Добиваме брз, безбеден и одржлив јавен транспорт, кој ќе биде атрактивен и ќе овозможи намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето“, вели скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Со проектот се планирани две линии од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,8 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминали во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден нов терминал. Според првичните проценки, приближно оваа траса би можеле да користат околу 65.000 луѓе дневно.

-повеќе на темата: Што треба да знае Петре Шилегов

„Во‌ ‌оваа‌ ‌и‌ ‌во‌ ‌следните‌ ‌години‌ ‌ќе‌ ‌инвестираме‌ ‌во‌ ‌проекти,‌ ‌кои ќе‌ ‌придонесат‌ ‌за‌ ‌заштита‌ ‌на‌ ‌животната‌ ‌средина,‌ ‌ќе‌ ‌го‌ ‌олеснат‌ ‌транспортот,‌ ‌ќе‌ ‌придонесат‌ ‌за‌ ‌заштеда‌ ‌на‌ ‌време‌ ‌и‌ ‌енергетски‌ ‌ресурси,‌ ‌ќе‌ ‌овозможат‌ ‌раст‌ ‌на‌ ‌инвестициите‌ ‌и‌ ‌економскиот раст, како и нови работни‌ ‌места‌ ‌и‌ ‌ќе‌ ‌донесат‌ ‌подобрување‌ ‌на‌ ‌квалитетот‌ ‌на‌ ‌живот‌ ‌на‌ ‌нашите‌ ‌граѓани“, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека  воведувањето еколошки автобуси ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди брз, безбеден и квалитетен превоз. Согласно плановите, новиот систем на БАС предвидува намалување на емисијата на јаглероден моноксид од над 95 отсто, на ПМ честичките за приближно 90 отсто и нитроген оксид и јаглероден диоксид за најмалку една четвртина.