1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симовски: Не размислуваме за одложување на пописот

ДТЗ
13 август 2021

Државниот завод за статистика неколку недели пред пописот се соочува со недостиг на попишувачи и страв од пандемијата. Надлежните се децидни дека ќе се обезбедат услови за безбеден и успешен попис.

https://p.dw.com/p/3ywQf
Nordmazedonien Apostol Simovski Direktor des Staatlichen Statistischen Amtes
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дваесетина дена пред почетокот на пописот во Северна Македонија, сè уште е неизвесно како ќе се спроведе најобемната статистичка операција во земјава, за која се чека 20 години. Државниот завод за статистика се соочува со проблем да обезбеди доволно попишувачи, а целиот процес повторно ќе биде ставен на тест и поради новото букнување на епидемијата со Ковид-19. Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за ДВ уверува: „Ќе ги обезбедиме сите услови за негово непречено одвивање. Ќе направиме напори сите подготовки да се завршат навреме, да се обезбедат доволно попишувачи и да се преземат сите здравствени мерки за одржување на безбеден попис“.

-повеќе на темата: Попис или збир на провокации против пописот

Опција за повторно одложување на пописот, кој поради пандемијата не се одржа во април, според Симовски, засега не постои. Државниот завод ги привршува подготовките и не размислува за одложување на статистиката операција. Доколку и се донесе одлука, повторно да се помести датумот за спроведување на пописот, таа ќе биде политичка.

Слаб интерес за попишувачи

На претстојниот попис кој треба да се спроведе од 5 до 30 септември, над 5.500 попишувачи треба да ги посетат домовите на македонските граѓани. За попис не е потребен валиден пасоши, туку единствен матичен број. Во домовите ќе дојде еден попишувач, освен во средините каде има повеќе етнички заедници. Пописот ќе се спроведува на 7 јазици. Попишувачите со себе ќе носат лап топ, а граѓаните ќе треба да одговорат на околу 60-тина прашања. Внесените податоци веднаш ќе одат во базата на Државниот завод за статистика и ќе се вкрстуваат со другите бази меѓу кои и МВР, Катастар, Агенцијата за вработување, УЈП... Прашалниците со лажни податоци автоматски ќе се одбиваат и ќе одат на дополнителна проверка. Ова е предвидено со Методологијата за пописот.

Mazedonien Zensus Statistisches Amt
Слаб интерес за попишувачиФотографија: Petr Stojanovski

Но, на неколку недели пред почетокот на пописот, надлежните не можат да ја пополнат бројката на попишувачи кои се неопходни за теренската работа. Огласот за попишувачи и објавен веќе подолго време, но недостигаат од 1000 до 1500 попишувачи. Интересот е многу слаб, особено во пописните реони кои го покриваат градот Скопје и околината, Охрид, Струмица, Ново Село и пописните реони каде што живее албанското население. Само во 20 реони од вкупно 50 е пополнета бројката на попишувачи.

Симовски оценува дека стравот од пандемија не е причина за малиот интерес на граѓаните да аплицираат за попишувачи. Влијание, според него, можат да имаат годишните одмори, но и неодоволната информираност на граѓаните, поради што наредниве денови ќе се обидат на различни начини да ги стимулираат да се пријават за теренско попишување. Обуката за попишувачи ќе започне на 28 август.

Коронавирусот и пописот

Симовски е дециден дека пописот ќе се спроведе според мерките за заштита. Половина од попишувачите веќе се вакцинирани, а и другите изразиле желба да се имунизираат. Но, порастот за заболени од Ковид-19 и новите рестриктивни мерки коишто се воведуваат, повторно ја брануваат јавноста, кај која има дилеми дали попишувачите треба да бидат пречекани со отворена врата.

-повеќе на темата: Попис 2021: Дијаспората се „буди“, се попишале над 82 илјади лица

„Секој оној што ќе се обиде да одбие, да не учествува во пописот си прави штета себеси и на сите граѓани во државата. Апелирам сите да го прифатат пописот, бидејќи ова е општествено-корисна акција, која е во интерес на сите граѓани во државата. Податоците од пописот имаат голема употреблива вредност и пред сѐ во правец на развој на општеството, во сите елементи, од економија, образование, здравство, па сѐ до секојдневниот живот на граѓаните“, е апелот којшто го испрати во повеќе наврати Симовски.

Според него, нелогично е пандемијата да се користи како изговор за да не се учествува во пописот. „Ако имаме страв од пандемијата за пописот, зошто немаме страв да одиме по кафеани и да правиме свадби“, коментира првиот човек на Државниот завод за статистика.

Попишани над 190 илјади граѓани во дијаспората

Првата фаза од пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците.

-повеќе на темата: Во Швајцарија и Германија најголем интерес за попишување на иселениците

Македонските државјани кои повеќе од една година живеат надвор од земјава од 1 март се попишуваат преку онлајн апликација. Овие граѓани ќе влезат во категоријата на вкупно нерезидентно население. За граѓаните кои живеат во С. Македонија, а кои за време на пописот се во странство и не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето ќе се врши во нивното последно место на живеење, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице кое најдобро ги познава ќе може да ги даде сите потребни податоци за нив.

Passanten in der Fußgängerzone
Пописот ќе се спроведе од 5 до 30 септември.Фотографија: picture-alliance/dpa

Според Симовски, досега се попишале 190.387 граѓани од дијаспората, а најголем интерес има во Европа, односно во Швајцарија и во Германија. Послаб е интересот за онлајн попишување на македонските иселеници во САД, Канада и Австралија, поради што се најавува позасилена кампања од идната недела.

Законот предвидува и казни од 200 до 300 евра за оној што ќе одбие да ги даде податоците што се бараат од него или ако даде неточни податоци. Резултатите од пописот треба да бидат објавени  во рок од 6 месеци по неговото завршување.