1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Селективна математика за одливот на средства од МВР

3 февруари 2020

Од МВР годишно во просек се одлевале по 2,5 милиони евра за изгубени судски спорови со вработените, по неколку основи. Од 2010 до 2017 година за таа цел биле исплатени речиси 18 милиони евра.

https://p.dw.com/p/3XBf8
Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Четири милиони евра за две години се одлеале од касата на МВР како резултат на судски постапки кои вработените ги воделе против Министерството, соопшти пред неколку дена техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

„Податоците кои ги добив од надлежните служби говорат дека во 2018 и 2019 година речиси четири милиони евра се одлеале од касата на МВР како резултат на судски постапки кои вработените ги воделе против МВР: најчесто поради неисплатени прекувремени часови, незаконски распоредувања и незаконски откази. Одговорноста за ваквиот хаос е во Оливер Спасовски и  неговото политичко раководење со Министерството“, обвини министерот Чулев.

По преземањето на функцијата премиер на преодната влада, Спасовски во интервју за БИРН се осврна токму на тужбите и обидот да се надмине таа ситуација. Тој изјави дека минатата 2019 година во МВР ја завршиле како година во која речиси и не пренеле обврски и долгови во 2020.

 „Првпат се исплаќа бонус-плата за сите што работеле прекувремено повеќе од 150 часа во годината, со цел тие пари да не ги наплаќаат преку тужби. Посакувам тие резултати да продолжат и во наредниот период“, изјави Спасовски.

Повеќе:

Чулев бара одврзани раце за тековните активности во МВР

Чулев глуми апсење на Заев

Се крчкаат смени на началници во МВР

За седум години - 18 милиони евра

За да се има увид колкава е штетата што му е нанесена на МВР, за која говори техничкиот министер Наќе Чулев, треба да се погледнат компаративните податоци за средствата што се одлевале од Министерството за внатрешни работи и во изминатите години, по истите основи: незаконски откази и прераспоредувања, и неисплатена прекувремена работа. Според статистиката на МВР, објавена и во медиумите во 2018 година, во периодот од 2010 до 2017 година биле поднесени вкупно 14.779 тужби против МВР, а изгубените спорови во тој период го чинеле Министерството за внатрешни работи 17.874.035 евра.  Најголем број тужби и највисоки исплатени суми имало во изборните 2011 и 2014 година. Во 2011 година биле поднесени 2.874 тужби против МВР и биле исплатени 3.598.841 евра. Во 2014 година МВР се соочило со 2.294 тужби и исплатило 2.683.447 евра.

Иако најмалку тужби имало во 2012 година (707) и во 2015 година (949), воопшто не биле мали сумите коишто МВР им ги исплатило на оштетените вработени. На пример, иако во првиот случај основниот долг бил 1.223 058, а во вториот изнесувал 1.216 873, МВР исплатило повеќе од двојно: во 2012 година исплатило  2.879, 800 евра, а во 2015 година 2.792,790 евра. Практично, МВР исплатило повеќе за судски трошоци отколку за главниот долг, најмногу поради жалбени постапки и во случаи кога се знаело дека ќе го изгуби судскиот спор.

Во 2010 година имало 2.106 тужби за кои МВР исплатило 1.318,036 евра, во 2013 се соочило со 1.702 тужби за кои се одлеале 2.042,391 евра, во 2016 имало 1.952 тужби а биле исплатени 1.191, 274 евра, и во 2017 година 2.195 тужби за кои биле исплатени 1.376, 456 евра од касата на МВР.

Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Буџетот растел, но за други цели

Индикативно е што најголемиот број тужби од вработените доаѓале во времето кога буџетот на МВР не се намалувал, туку напротив - почнал енормно да расте, со што би било очекувано да биде помала бројката на тужби барем по една основа: неисплатени часови за прекувремена работа. Тој нагорен буџетски тренд почна во 2008 година, кога со ребалансот на буџетот, на пример, тајната полиција доби 25 милиони евра, иако првично биле планирани 781.000 евра. Во наредната 2009 година се кратеа буџетите на речиси сите министерства, но не и на МВР. Со ребалансот на буџетот во 2010 година, МВР доби 11 милиони евра повеќе од првичниот план. Наместо предвидените 9.430.218.000 денари (околу 153 милиони евра), доби 10.102.218.000 денари. И со буџетот од 2011 година МВР доби 10.056.979.000 денари или околу 163 милиони евра.

Настаните подоцна покажаа дека зголемените финансии за полицијата не биле наменети за подобрување на стандардот и условите за работа на полицијата, меѓу другото ниту за исплата на прекувремената работа, туку за набавка на опремата за потребите на Петтата управа во МВР, кои по скандалот со незаконското следење на комуникациите станаа предмет на обвиненија од СЈО во предметите „Трезор“ и „Таргет-тврдина“.