1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се крчкаат смени на началници во МВР

8 јануари 2020

Законот за Владата му овозможува на министерот за внатрешни работи да изврши најмногу 15 смени на раководни позиции, но и одреден број на хоризонтални распоредувања.

https://p.dw.com/p/3VsI1
Mazedonien Innenministerium Symbolbild
Фотографија: P. Stojanovski

До крајот на неделава министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев ќе го искористи правото од членот 44 во Законот за Владата, кој му овозможува „да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон".

Речиси е извесно дека нови началници ќе добијат осумте сектори за внатрешни работи во земјата (Скопје, Куманово, Тетово, Охрид, Битола, Штип, Велес, Струмица), но и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди, новата интервентна единица на полицијата...

Според истиот член од Законот, покрај овие смени „министерот за внатрешни работи може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година".

Mazedonien Innenministerium Symbolbild
Речиси е извесно дека нови началници ќе добијат осум сектори за внатрешни работи во земјата, но и одделите за сузбивање на организиран криминал и за внатрешна контролаФотографија: P. Stojanovski

Чулев: Има спрега меѓу полициски и криминални структури

Веднаш по именувањето на министерската функција, Чулев во интервју за ТВ „Алфа“ изнесе серија сомневања за спрега меѓу криминални и полициски структури.

„Во разузнавачко безбедносната заедница од која јас сум дел, веќе подолго време кружат информациии дека дел од раководниот менаџмент на МВР, ангажиран во криминалистичката полиција, е директно во спрега со криминалните структури. Притоа, постојат неофицијални информации дека постои тарифа за држење на кривични пријави во фиока, за уништување на средствата за извршување кривично дело, или за оквалификување на потешки кривични дела во полесни. Исто така, постојат информациии дека дел од овие структури, назначени од министерот Оливер Спасовски, и самите се директно инволвирани во криминални активности, на тој начин што се ноаѓаат на платен список на криминалните структури, со фиксен месечен надоместок, со цел да издаваат информации за оперативно технички и посебни истражни (ПИ) мерки кон припадниците на криминалните структури. И дополнително, да издаваат информации кога министерот за внатрешни работи планира конкретни оперативни активности за нивно апсење или приведување“, изјави Чулев.

Nord-Mazedonien Nake Culev, Innenminister
Чулев се сомнева во спрега меѓу криминални и полициски структуриФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој најави дека веднаш ќе побара од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, да ги процесуираат сите дојави или информации за инволвираност на припадници на МВР во криминални активности. Потенцираше дека истите ќе бидат отстранети од Министерството како недостојни за вршење на полициската служба, бидејќи нанесуваат огромна штета на честа и угледот на оние припадници на МВР кои професионално и чесно ја извршуваат својата работа.

Повеќе:

Преодна влада, стара реторика

Разузнавачка мисија зад линиите на противникот

Вистинска адреса - Обвнителството

По ваквите обвинувања му одговори заменик министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

„Како човек од безбедносно-разузнавачката заедница Чулев треба да ги знае законите во Република Северна Македонија и да е свесен дека сомнежи за евентуална поврзаност со криминални структури се пријавуваат во Јавното обвинителство, а не во интервјуа. Зарем ова е долгонајавуваниот професионализам на ДПМНЕ?", реагираше Петровска.

Чулев најави и ревизија на сите нови решенија за прераспоредување донесени во минатиот месец. За обвинувањата дека во декември биле подготвени околу 1.000 решенија за прераспоредување, претходниот министер за внатрешни работи во интервју за БИН изјави дека станува збор за тековна активност.

„Имаме поранешни вработени останати од УБК, околу 350, кои мораа да бидат распоредени на места во МВР. Имаме формирање на нова интервентна единица, и тука се нови 300-400 решенија, а имаме прераспоредувања и по други основи. Решенија се издавале и се издаваат, не е ништо вонредно, туку редовна, тековна активност, која треба да се заврши“, изјави Спасовски.