Светот солидарен со Велика Британија
23 март 2017Многу шефови и влади изразија сочувство до повредените и до семејствата на загинатите во вчерашниот напад во Лондон. Германската канцеларка Ангела Меркел ѝ се јави телефонски на британската премиерка Тереза Меј. Германија стои „цврсто и решително на страната на Велика Британија во борбата против секаква форма на тероризам“, рече Меркел веднаш по нападот, во кој загинаа пет лица, вклучително и напаѓачот, а беа повредени околу 40 луѓе.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер рече: „Вестите за убиствениот напад во Лондон ме потресоа“. Министерот за надворешни работи Зигмар Габриел оцени дека терористичкиот напад е напад во „срцето на демократијата“. „Веројатно не е случајно што овој атентат, меѓу другото, е изведен во близина на британскиот парламент“, смета шефот на германската дипломатија.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде уверување на британската премиерка Меј дека ја има неговата целосна поддршка. Претходно, изрази на сочувство упати американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон. САД ги осудуваат ваквите „ужасни насилнички акти, сеедно дали извршители се луѓе со пореметена свест или терористи. Тоа на жртвите не им прави разлика“, констатираше Тилерсон.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изразувајќи им на Британците солидарност, оцени дека „тероризмот нѐ погаѓа сите и се гледа дека мора да се организираме на европско ниво, па дури и пошироко“.
Британската премиерка Тереза Меј нападот го нарече „болен и расипан“. Луѓето во Велика Британија никогаш нема да потклекнат пред теророт, животот ќе продолжи вообичаено, нагласи Меј.