1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Оставка на министерката за внатрешна безбедност

СН/ агенции
8 април 2019

И повторно, промена во администрацијата на Доналд Трамп: Кирстјен Нилсен си заминува. Довчерашната министерка на САД за внатрешна безбедност имаше клучна улога во контроверзната имиграциска политика на претседателот.

https://p.dw.com/p/3GRwS
USA Washington Kirstjen Nielsen
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Министерката на САД за внатрешна безбедност, Кристјен Нилсен, заминува од таа функција, објави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп на Твитер напиша дека ја прифатил нејзината оставка, ѝ се заблагодари на работата и објави оти вршител на должноста на чело на нејзиното министерство, во кое има 240.000 вработени, ќе биде досегашниот комесар за царина и гранична заштита Кевин Макалинен.

Макалинен повеќе години беше задолжен за контрола на границите што одразува приоритет на кој Трамп му придава значење за работа во Министерството за внатрешна безбедност, кое беше формирано поради борба против тероризмот по нападите на 11 септември (2011 година).

Нилсен е именувана за министерка за внатрешна безбедност во октомври 2017 година. На тоа место таа стана лицето на имиграциската политика на американскиот претседател, вклучувајќи го и спроведувањето на критикуваната политика за раздвојување на децата мигранти од родителите.

Две лица запознаени со ова прашање рекоа дека Нилсен вчера отишла да разговара со Трамп во Белата куќа по нивното задничко патување до американско-мексиканската граница. Овие извори велат оти таа долго била незадоволна поради тешкотиите да добие помош од другите министерства за сѐ поголемиот број семејства кои се обидуваат илегално да влезат на американска територија преку оваа граница.