1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Расте бројот на жртви и заразени од корона-вирусот

БГ /АП
30 јануари 2020

Бројот на жртвите од корона-вирусот се искачи на 170, додека повеќе држави се обидуваат да ги евакуираат своите државјани од Кина, а здравствени експерти изразуваат загриженост поради ширењето на болеста надвор од Кина.

https://p.dw.com/p/3X0ZX
China leere Straßen in Wuhan wegen Coronavirus
Фотографија: Reuters/cnsphoto

Само во последните 24 часа од корона-вирусот починале 38 луѓе, а биле откриени над 1.700 ново заразени. Од смртните случаи, 37 се регистрирани во епицентарот на појавата во провинцијата Хубеи. Од центарот на оваа провинција, градот Вухан, беа евакуирани 195 американски државјани кои се префрлени во воена база во јужна Калифорнија на натамошни испитувања. Јапонија веќе организираше два чартер лета од Вухан со кои префрли над 400 свои државјани. Проценките се дека десетина од нив се заразени од вирусот.

Франција, Нов Зеланд, Австралија, Сингапур и други држави исто така ги евакуираат своите државјани, или планираат да го сторат тоа.

Во Јужна Кореја, жителите на два града каде се подготвуваат објекти за карантин на заразените, протестираа против планот на владата таму да изолира околу 700 државјани кои треба да бидат евакуирани од Кина.

Американскиот претседател Доналд Трамп досега беше релативно тивок за кризата. Негови советници објаснуваат дека внимателниот пристап на Трамп е дел од политичка стратегија да не се вознемируваат берзите или да се провоцира Кина со давање преголемо значење на вирусот. Во САД досега има пет потврдени случаи на вирусот.

Пикот на вирусот за две недели

Во кинескиот Вухан, во меѓувреме, се појавуваат извештаи за недостаток на храна и дневни потребштини, иако властите тврдат дека ги засилуваат напорите за обезбедување на населението. Актуелните резерви во 11 милионскиот град, според кинеските власти, се доволни за снабдување со ориз и масло за јадење во следните 15 дена, свинско месо и јајца за 10 дена и зеленчук за 5 дена. Владата во Пекинг засега не дава проценки за тоа кога би можела да го сопре ширењето на вирусот, но кинеските експерти проценуваат дека врвот на инфекцијата ќе биде достигнат за две недели.

Светската здравствена организација изрази загриженост поради неколкуте случаи во кои вирусот се шири од човек на човек надвор од Кина- во Јапонија, Германија, Канада и Виетнам. Денеска СЗО ќе одржи нов состанок на кој ќе расправа дали појавата да се прогласи за глобална епидемија.

China Wuhan Leere Supermarkt Regale nach Coronavirusausbruch
Полупразни рафтови во продавниците во ВуханФотографија: picture-alliance/AP Photo/Chinatopix

Неодговорени прашања

Новиот вирус досега инфицираше повеќе луѓе во Кина одошто појавата на САРС во 2002 и 2003 година.

Мајкл Рајан од СЗО, вчера разговараше со кинескиот претседател Ши Џинпинг и потоа изјави дека Кина презема огромни мерки соочена со огромен предизвик.

Досега, околу 99% од случаите на корона-вирусот се во Кина. Рајан проценува дека стапката на смртност од вирусот е 2%, но тоа е само првична проценка. За споредба, САРС вирусот имаше стапка на смртност од околу 10% меѓу заразените.

Научниците сѐ уште бараат одговори на бројни прашања за новиот вирус, меѓу нив и на најважните: како се шири и колку е опасен.

Во извештај објавен во средата, кинески научници соопштија дека пренесувањето на вирусот од човек на човек започнало на средината на декември. Повеќе од половината од случаите кај кои симптомите се јавиле пред 1 јануари биле поврзани со пазарот за морски плодови во Вухан, но само 8% од случаите потоа биле поврзани со пазарот. Просечниот период на инкубација на вирусот е пет дена.