1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Продолжува збрката- хлорокинот се враќа во игра

БГ /АФП
4 јуни 2020

Како една мала компанија од САД со сомнителен бекграунд успеа да го убеди целиот свет дека користењето на хлорокинот е опасно за здравјето на пациентите? Науката е во шок по откриениот скандал.

https://p.dw.com/p/3dHZp
Frankreich Marseille | Medizinisches Personal mit Tabletten
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Julien

Повеќето автори на голема студија која предупредуваше од опасноста од користењето на хлорокин во третманот за коронавирусот ги повлекоа своите имиња од извештајот, откако независни рецензенти открија дека во студијата се користеле погрешни податоци.

Лекот против маларија, во две варијанти познат како хидроксихлорокин и хлорокин, предизвикува контроверзи уште од првото негово актуелизирање како можен третман против Ковид-19. Меѓу неговите водечки пропоненти беше и американскиот претседател Доналд Трамп.

Големото истражување за хлорокинот беше објавено во водечкото медицинско списание Лансет, и во многу други, во последните недели од мај годинава. Во него се наведуваше дека лекот го зголемува ризикот од смрт и предизвикува срцеви проблеми кај заболените од коронавирус. 
Веднаш потоа Светската здравствена организација (СЗО) препорача да престане да се користи лекот како третман за коронавирусот. И македонските здравствени работници, како и многу други ширум светот, веднаш престанаа да го користат лекот.
Но, во меѓувреме експертите почнаа да откриваат грешки во податоците кои биле користени за истражувањето, а СЗО наложи да продолжат тестовите на лекот. Имено, целата студија се базирала на податоци кои ги обезбедила компанија за медицинска аналитика од Чикаго наречена Сурџисфер (Surgisphere). Истражување на британскиот весник Гардијан откри дека се работи за фирма со шест вработени, од кои еден писател на научна фантастика кој работел како научен уредник, а директорката за маркетинг била хостеса и порно модел. И сето тоа веројатно не би било проблем доколку во меѓувреме не беше откриено дека податоците кои ги давала оваа фирма воопшто не се совпаѓаат со податоците на бројни држави и болници поврзани со коронавирусот. Притоа, резултатите од студијата доведоа и до измени во третманот за коронавирусот.

Во меѓувреме десетици научници ги воочија нерегуларностите во студијата и јавно реагираа, за на крајот тројца од четворицата автори на студијата јавно да се откажат од неа откако не им било дозволено да ги прегледаат комплетните податоци врз кои се работело истражувањето. Четвртиот автор кој досега не се повлече од истражувањето е сопственикот на Сурџисфер, д-р Сапан Десаи.

Уредникот на Лансет, Ричард Хортон вели дека е згрозен од развојот на настаните.
„Ова е шокантен пример за нерегуларно истражување среде глобална здравствена криза“, изјави тој за Гардијан.

Директорот на Глобалната здравствена иницијатива на Харвард, д-р Ашиш Џа, пак, вели дека повлекувањето покажало дека „системот функционира“. Се додека грешките се увидуваат, мора да се работи брзо затоа што не може да се чека една до две години за проверка на студиите со оглед на брзината на пандемијата.
„Дел од проблемот е што луѓето се во исчекување. Тие сакаат дефинитивен одговор. Во науката се движиме колку можеме побрзо, но не смееме претерано да реагираме на секоја студија“, вели Џа.