1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна почест за принцот Филип

Имке Келер (АРД)
17 април 2021

Обединетото Кралство се збогува од принцот Филип. На погребот ќе бидат присутни само 30 членови на семејството.

https://p.dw.com/p/3sAMF
England Beisetzung Prinz Philip in Windsor
Фотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

Тежок ден за кралското семејство, пред сѐ за кралицата Елизабета. Принцот Филип,  кој почина пред една недела, денеска ќе биде погребан. „Сите мислиме на Вас“, стои на насловната страница на булеварскиот весник „Сан“. Се разбира, погребот на принцот Филип денеска е една од доминантните теми во британските медиуми.

Иако поради пандемијата на коронавирусот погребот ќе се одвива во присуство на многу помал број луѓе отколку што некогаш било планирано, тој сепак ќе тече според предвидениот протокол. Во дворецот Виндзор ќе се постројат 700 војници, тие ќе музицираат и ќе му оддадат последна почест на Војводата од Единбург. Адмиралот Тони Радакин од воената морнарица вели: „Сите ние, Кралското воздухопловство, Британската армија и Кралската морнарица, денеска сакаме да изразиме пред сѐ почит. И, тоа ќе ја одрази наклонетоста која ја имавме кон принцот Филип и која тој ја имаше кон нас.“

Prinz Philip und Queen Elizabeth
Оваа фотографија од принцот Филип и кралицата Елизабета Втора беше објавена од страна на Бакингемската палата вчера, 16.04.2021- двојката е фотографирана во Шкотска во 2003 годинаФотографија: Sophie The Countess of Wessex/Buckingham Palace/AP/picture alliance

Церемонијата денеска ќе потсетува и на други работи кои му беа важни на принцот Филип. Како симбол на неговиот интерес за техниката денеска возилото со кое ќе биде пренесуван ковчегот ќе биде Ландровер. Кралскиот биограф Роберт Хардман за БиБи-Си раскажа дека возилото е напорвено според претставите на принцот Филип и ќе биде во армиска зелена боја. Принцот и лично, заедно со стручњаци од Ландровер, работел на нацртот за моделот. „Сакаше да создава. Беше голем ентузијаст во сферата на техниката, технологијата и иновациите“, вели Хардман.

England Beisetzung Prinz Philip in Windsor | Orden
Ордените на принцот Филип се ставени на олтарот во капелата Сент ЏорџФотографија: Steve Parsons/Getty Images

По кусата процесија во дворецот и минутата молчење во целата земја, треба да почне комеморацијата во капелата Сент Џорџ. Ричард Шартр, поранешен лондонски епископ, смета дека знае што би му се допаднало на Војводата од Единбург: „Се сеќавам на моментите кога требаше да зборувам на богослужбите на кои тој беше присутен. Секогаш велеше: 'Не подолго од 4 минути!' Навистина сакаше куси богослужби. Во тоа немаше сомневање. Но, слушаше многу внимателно и потоа поставуваше прашања во врска со тоа.“

Шартр се обраќа и со апел до Британците. Тој се надева дека луѓето ќе се молат за Кралицата и кралското семејство. „Огромен е притисокот кога мора да се тагува јавно и повеќето од нас тоа не би го сакале. Но, за кралското семејство е тоа дел од животот. Се надевам дека луѓето нема да ја заборават личната димензија на оваа формална церемонија“, вели Шартр.

Најважните станици од животот на принцот Филип