1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Прилеп е на пат да постигне колективен имунитет

17 март 2021

Досега од 40 до 45 % од населението ја прележа болеста, вели градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски

https://p.dw.com/p/3qjIO
Mazedonien Prilep | Arzt | Dr. Ilija Jovanoski
Фотографија: privat

Прилеп ќе биде еден од првите градови во земјава што ќе постигне колективен имунитет, со оглед дека досега од 40 до 45 % од населението ја прележа болеста, вели градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, кој и самиот е дел од тој процент на заболени и оздравени од Ковид-19. До крајот на минатата година Јованоски секојдневно волонтираше на Инфективното одделение во општата болница „Борка Талески“ во Прилеп (и за време на викенди), но не се инфицирал во периодот на волонтирање, туку подоцна, во февруари.

Во последниве денови градоначлникот алармира дека состојбата во Прилеп е загрижувачка и бара зајакнување на мерките.

„Во Прилеп е доминантен британскиот сој на вирусот и тоа е потврдено. Тој е позаразен, побрзо се шири, ретко промашува некого, ако заболи еден член - заболува целото семејство“, посочува Јованоски.

Собирања, криење контакти

Пред да стане градоначалник, тој бил директор во прилепската општа болница, а таму како како трансфузиолог работи и неговата сопруга.   За сегашните загрижувачки состојби, прстот го вперува во неодговорното однесување: полни кафеани, непочитување на мерки за заштита и дистанца, непочитување на протоколи, групирања пред банки, маркети... Клучната забелешка се однесува на неконтролирани собирања во приватни објекти во градот и надвор од него, кои се кријат од јавноста. Поради тоа, градоначалникот на Прилеп бараше забраната на движење во општината да трае од 19 часот навечер до 5 часот наутро, а не како досега од 22 до 5 часот.

Повеќе:

-Зголемена смртност и сѐ повеќе заразени од Ковид-19 во С. Македонија

-Тмурното корона-секојдневие и веста за баба Елена

-Градоначалник на „службен пат“ во Инфективно одделение

Во корпусот на забелешки се и оние за крајно неодговорно однесување на лица болни од Ковид-19,  кои по примање на дневна терапија се шетале по продавници, аптеки, па и во угостителски објекти. Друга неповолна околност е што голем број од оние кои се заразиле не ги кажуваат контактите и со тоа придонесуваат да се шири инфекцијата. Сето ова ги зголемило досегашните биланси.

„Затоа и барав да се зголемат превентивните марки, за да не биде голем напливот и притисокот врз здравствените капацитети“, објаснува градоначалникот.

Ако до пред два дена на инфективните одделенија имало по 70 пациенти, веќе има над 100. За повеќе од 30% е зголемен бројот за два дена. Олеснителна околност е што засега немало заболени деца и негователки во градинките, освен две хигиеничарки. Што се однесува до училиштата - од 1.220 ученици кои следат настава со физичко присуство, само 20 биле во изолација поради позитивен тест на нивни наставници.

Но, генерално состојбата е лоша. Само во периодот од 8 до 14 март во општина Прилеп имало 379 новозаболени од коронавирус, а од последици од него починале 14 лица. Од почетокот на пандемијата во општина Прилип од Ковид починале 284 лица, со што има највисока стапка на смртност во земјата од почетокот на коронакризата. Дел од причините за тоа се лоцираат во фактор што некои пациенти многу доцна доаѓале да побарат лекарска помош, а некаде каде причина се смета возраста и присуството на коморбидитети.

Опозицијата вината ја гледа во власта

Додека властите велат дека ја следат состојбата и според тоа ги димензионираат мерките, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека не е проблем полицискиот час, туку неспособноста на власта.
„Власта е неспособна да се организира и да воспостави протоколи кои ќе се почитуваат. Во исто време кога се воведува полициски час, утредента автобусите се преполни со граѓани, а метежот значи нови корона кластери. Шалтерите на институциите се преполни со граѓани кои со право сакаат навремено да ги исполнат своите обврски.
Тоа значи дека власта нема план. Неспособноста за организација го турка целото општество во хаос, а економијата кон провалија.
На државата не и треба полициски час, и требаат протоколи кои ќе се спроведуваат, заштитна опрема подостапна за граѓаните и секако вакцини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Заев и Филипче од почетокот на кризата до денес работат стихијно, без план, без програма.
„Немаме вакцини, а ќе одиме во попис. Наместо вртење во празно фатете се за работа. Македонија, животот, здравјето на граѓаните и економијата не можат да издржат уште една егзибиционистичка пролет“, порачаа од партијата, најавувајќи дека до Собранието ќе поднесат предлог за интерпелација на министерот за здравство.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“