1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Признавањето на Косово е кршење на меѓународното право“

Сабине Адлер 27 февруари 2008

Владимир Котенев, руски амбасадор во Германија ги отфрла сомнежите кон демократијата во неговата земја. Претседателските избори в недела во Русија ќе бидат сосема нормални, изјави Котенев во интервју за Дојчланд радио.

https://p.dw.com/p/DDMT
Русија пред нови избориФотографија: AP

Почитуван Господине амбасадор, во недела во Русија ќе се одржат избори на кои ќе биде избран нов претседател. Можете ли да потврдите дека тие вистина можат да го носат името избори:

Котенев:Тоа ќе бидат сосема нормални избори што веќе ги имавме во Руската федерација со различни кандидати. Сега имаме четворица кандидати и радо ќе ви објаснам како ќе се случи тоа во Германија. Освен амбасадата, имаме и пет конзулати: во Бон, Франкфурт на Мајна, Хамбург, Лајпциг и Минхен. Таму се организирани гласачки места и гласањето ќе се одвива на 2 март. Гласање со писмо или преку интеренет не е можно.

Господине амбасадоре, она што го мислев со прашањето не беше техничката постапка на изборите, туку, откако претседателот Путин го направи тоа да именува свој наследник, имено Дмитри Медведев, дали се тоа избори во смисла на исти шанси за другите кандидати?

Уште еднаш: постои еднаквост на шансите. Постојат гласачки места и секој гласач слободно доаѓа и гласа, исто како во Германија.

Дали е точно дека мнозинството ваши сограѓани не сфаќаат зошто претседателот Путин ја напушта функцијата кога тој одлично работеше?

Тоа е точно и многумина радо му препорачуваа или го советуваа да остане или да го смени уставот. Но, тој не го направи тоа и никогаш не тврдеше дека така ќе постапи.

Значи тој го одржа ветувањето?

Да, да!

Со претседателот Путин критиката од Запад кон Русија стана многу погласна, отколку на пример, во времињата на Михаил Горбачов и неговиот непосреден претходник Борис Елицин. Како можете да обајсните што токму пријателот на Германија Владимир Путин е толку критикуван на Запад и во Германија?

Морате да правите разлика меѓу Запад и Германија. Тоа се две прашања, одвоени прашања. Но, мислам дека станува збор за тоа што Михаил Горбачов живееше и работеше во сосема друга епоха. А, тука беше и еуфоријата што во Германија трае до денес, таа Горби-манија, зашто тој значително придонесе за германското обединување. А некои политичари во Германија забораваат дека Горбачов беше Русин, а не Американец или Британец.

Што мислите со тоа?

Мислам дека кога слушам или читам дека само западните сојузници го овозможиле германското обеднување, тогаш се чудам...

Да се вратиме на темата. Како го објаснувате тоа што токму под Владимир Путин, кој е пријателски расположен кон Германија, кој важи за заинтересиран за Германија, зошто критиката врз Русија порасна во Германија токму под претседателот Путин?

Секако има различни причини. Очигледно е дека со претседателот Путин, за разлика од двата мандата на Борис Елцин, Русија се засили, пред се економски. Тоа кај некои предизвикува страв, без оглед од кои причини, иако тој страв Русите не можат да го разберат. Втората причина е што германските медиуми, но и мнозинството западни медиуми, поставуваат знак на еднаквост меѓу модерна Русија и Путин. Значи, не се известува за Русија, не се известува за економската ситуација и развојот, туку за недемократско однесување, за ригорозни постапки и многу други нешта за опасноста што наводно доаѓа од неговата личност.

Да останеме на тоа, на јазот меѓу Русија и Германија, меѓу Русија и Запад. Тоа го гледаме токму врз актуелниот случај со Косово. Косово како независна држава го признаа повеќето земји членки на Европската унија. Русија воопшто не сака да се приклучи кон тој чекор. Треба ли да страхуваме дека ваквите различни ставови ќе ја отежнат соработката за тешките меѓународни прашања?

Може да стане потешко, зашто се создаваат ситуации, како на Косово, во кои меѓународното право е драматично повредено. Гарантирано ќе стане потешко. Што гледаме на Косово? Се изведе признавањето, се организираше тоа еднострано признавање на Република Косово како дел на независната и суверена држава Србија, еднострано, без дозвола на Советот за безбедност на ОН, без дозвола на Обединетите нации како целина, без голема дискусија во светот. Тоа го поткрепува она што го напиша неодамна американскиот претседателски кандидат Џон Меккејн во „Зиддојче цајтунг„: тој пледираше за лига на демократии. Тоа би значело дека светот сега би влегол во сосема нова фаза – ако биде реализирана – дека светот би бил поделен на две класи, односно на горна и долна лига. Се поставува прашањето: кој ќе решава кој каде припаѓа, во која лига, и кој ќе решава за војна и мир, кој ќе решава кој е демократски, а кој не е ? Се разбира дека тоа сакаме да го спречиме, да спречиме распаѓање на Обединетите нации. Тука гледам и опасност дека и Европската унија не е единствена за тоа прашање, дека добрата светла европска идеја се распаѓа со таквото еднострано и меѓународно-правно спротивно однесување.

Дали една од можните причини за руското одбивање на независноста на Косово не е и евентуалниот ефект на копирање? На пример од Чеченците слушнавме дека тие беа првите што рекоа: одлично, тоа е пример и за нас. Се појавија и тивки и умерени гласови и од Палестина дека размислуваат за нешто такво. Дали ефектот на копирање е оној од кој страхувате?

Прво, јас за чеченските изјави не сум слушнал ништо. Во Чеченија нема сепаратистички движења. Таму оперираат некои банди, пред се во планините. И Запад мора конечно да признае дека овие двојни стандарди веќе не можат да бидат толерирани. Тие се терористи. Се борат во планините, или поточно речено, не се борат, туку го напаѓаат цивилното население, ги напаѓаат градските управи, вршат напади врз села и убиваат цивилно население, вклучувајќи деца. Во тиа банди има и многу Арапи...

...се уште?

Да, се уште. И тоа се нарекува меѓународен тероризам против кој настапуваме задно со нашите американски партнери и со нашите германски партнери, насекаде во светот, дали во Ирак, или во Авганистан и така натаму. Ние ја поддржуваме борбата против тероризмот, но еднаш конечно мора да се види дека Чеченија е меѓународен тероризам, а не чеченски сепаратизам.

Уште еднаш прашањето...

Извинете, второто што го спомнавте. Веројатно станува збор за Баските, сега тие се јавија дека го поздравуваат. Тајван ја поздрави независноста на Косово. Значи, не може да се зборува за копирање, односно како што рече господин Путин во последниот говор, дека станува збор за домино-ефект. Се разбира, тоа може да биде опасност.

Обратно, дали вашето политичко раководство во Москва не ги охрабрува на пример барањата за независност на Трансистрија, да се оддели од Молдавија, или барањата за независност на Јужна Осетија од Грузија?

Да, овие народи одамна ги поставија тие барања, не само од Русија, туку и од меѓународната заедница. Тие се тука и ние мораме тие барања заедно да ги третираме и заедно во Обединетите нации да видиме што треба да се направи. Еднострани чекори не се добри.

Реакцијата на прашањето за Чеченија ми покажа дека во Русија се уште постои извесна чувствителност кога Запад зборува за Чеченија. Дали критиката врз водењето на војната во Чеченија беше основната причина за лошите односи меѓу Русија и Запад? Русија таа критика не ја разбра, ниту сака да ја сфати.

Ние ја разбравме таа критика. Но, ако овие терористи се подржуваат со оружје, пари и опрема, со сосема модерна комуникациска опрема...

...но, не од Запад...

Од различни страни...

Но, не од Запад...

Од различни страни, уште еднаш...

На кои страни точно мислите?

Различни. Ние имаме сопствени информации дека не дејствуваат само арапски или авганистански терористи, туку дека зад тоа се кријат различни организации кои даваат и пари...

Дали би биле попрецизни?

Постојат луѓе како Ахмед Сакаев кој е чеченски терорист и за кого е докажано дека учествувал во борби, дека неговите раце се крвави и сега живее и дејствува од Англија. Има и други луѓе, и во Германија има такви луѓе кои многу тесно соработуваа со режимот на Масхадов...

Претседателот Путин ја има поддршката од 75 до 80 проценти од сонародниците. Постојат низа успеси во тие преку 9 години што ниту еден државник каде и да е не може да си ги припише. Зошто сепак е пречувствителен на критика?

Не верувам дека е пречувствителен на критика. Но, како што веќе ви реков, критиката од Запад, како и од германските медиуми кои ја концетрираат само врз Путин... Значи се што е лошо или негативно што сакаат да кажат за Русија, на крајот завршува со едно име. Претставете си како еден човек да го издржи тоа што секој ден толку негативно се пишува за него.

Сметате дека тоа е неправедно кон претседателот или кон рускиот народ?

Обете

Да се вратиме на претседателски избори. Претседателот не останува на функција, но ќе остане на власт и ќе биде присутен на политичката сцена како премиер. Кога сметате на промена на уставот со што на премиерот ќе му бидат дадени други ингеренции од оние што ги има сега?

Не сметам на тоа.

Исклучено?

Не сметам на тоа.

А, сметате ли дека претседателот Путин било кога ќе се појави повторно како претседател?

Тоа ќе го покажат следните четири години, дали ќе постои неопходност, така да се каже, стариот претседател да биде повторно избран. Или ако победи господин Медведев и се претстави како добра фигура како руски претседател како многу млад кандидат, може повторно да биде избран за уште еден мандат.

Дали ви е јасно зошто претседателот Путин својот посакуван кандидат толку доцна го соопшти?

Веројатно има свои причини. Тоа ќе морате сами да го прашате.

Што очекувате вие лично од идниот претседател Медведев?

Да го продолжи сегашниот курс на владата на Путин. Постојат стартегиски планови, и економски, до 2020 година како да се развива Русија. Медведев им ветува на своите избирачи дека ќе се придржува кон тој курс. Бидејќи курсот на господин Путин беше успешен, мнозинството во Русија се надева дека и господин Медведев ќе биде нуспешен. А, ако вашето наредно прашање можеби ќе биде за тандем, како што сега се вели, тогаш веднаш ви велам: јас сум убеден дека обајцата влечат на иста страна - Медведев како политички лик на Русија, како највисок претставник на Русија, како претседател, до колку ги одбие изборите, дополнет со силен премиер кој сосем ќе се посвети на стопанството, на социјалните прашања, на руската инфраструктура што е неопходно, тогаш таа влада ќе може сите тие цели, се надевам, успешно да ги совлада.

Ако на крајот се вратиме кон германско-руските односи, дали постои промена во тие односи од времето на канцеларот Герхард Шредер и сега со Ангела Меркел?

И натаму постојат меѓувладини консултации, го имаме Петерсбуршкиот дијалог на цивилните општества. Односите се развиваат добро и позитивно. Посакувам повеќе објективност од некои политичари и пред се од медиумите кога станува збор за Русија. Тогаш карактерот на тие односи ќе биде уште подобар.