1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШри Ланка

Претседателот на Шри Ланка избега од земјата

Сузане Ајкенфондер
13 јули 2022

По масовните протести во Шри Ланка, претседателот Готабаја Раџапакса избега од земјата. Владата прогласи вонредна состојба.

https://p.dw.com/p/4E3VK
Präsident von Sri Lanka Gotabaya Rajapaksa
Готабаја Раџапакса побегнал поради страв од апсење, претпоставуваат набљудувачитеФотографија: Pradeep Dambarage/ZUMA Wire/dpa/picture alliance

Готабаја Раџапакса ја напушти Шри Ланка. Претседателот избега со сопругата и телохранителот во воен авион. Претставници на имиграциските власти за агенцијата АФП изјавија дека авионот со претседателот полетал за Малдиви. Официјален претставник на аеродромот во Мале, главниот град на Малдивите, го потврди слетувањето на авионот.

Раџапакса беше под притисок во Шри Ланка поради масовните протести предизвикани од тешката економска криза во земјата. Илјадници гневни демонстранти во саботата (9.07) упаднаа во претседателската палата во главниот град Коломбо. Седумдесет и тригодишниот шеф на државата побегнал низ задната врата. Подоцна, Раџапакса бил сместен во воздухопловна база на меѓународниот аеродром Бандаранаике, изјави претставник на Министерството за одбрана.

Sri Lanka Colombo | Proteste am Büro des Premierministers Ranil Wickremesinghe
Војници пред канцеларијата на премиерот во Коломбо (13.07)Фотографија: AFP

Претседателот ја најави својата оставка за денеска (13.07). Набљудувачите претпоставуваат дека шефот на државата со бегството сакал да избегне апсење. Тој, меѓу другото, е обвинет за корупција и лошо менаџирање. Како претседател, тој уживаше имунитет од кривично гонење. Оставка најави и премиерот Ранил Викремесинге.

Во Шри Ланка во меѓувреме е прогласена вонредна состојба. Мерката се применува на национално ниво, изјави портпарол на премиерот. Полицијата, исто така, воведе полициски час во западната провинција на Шри Ланка, која го опфаќа и Коломбо. Висок полициски службеник како оправдување ги наведе протестите кои се во тек пред кабинетот на премиерот. Полицијата има наредба да преземе мерки против демонстрантите.

Sri Lanka Colombo | Menschen nach Protesten im Präsidentenpalast
Демонстранти во претседателската палата (13.07)Фотографија: Adnan Abidi/REUTERS

Стотици демонстранти и натаму ги имаат окупирано официјалните резиденции на претседателот и премиерот, како и претседателската канцеларија. Според очевидци, трупите кои се во близина не прават обиди за растерување на луѓето.

Граѓаните ја урнаа владата во Шри Ланка

Шри Ланка, која има околу 22 милиони жители, ја доживува најтешката економска криза од независноста од Велика Британија во 1948 година. Во земјата со месеци недостасуваат храна, лекови, гориво и гас.

- повеќеНесигурност во Шри Ланка: „Нема излез“

Со оглед на високиот национален долг и недостатокот на девизи, стоката тешко може да се увезува. Приходите од важниот туристички сектор паднаа во екот на пандемијата на коронавирус. Владата побара помош од Меѓународниот монетарен фонд и Русија.