1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШри Ланка

Шри Ланка: Демонстранти упаднаа во претседателската палата

ЖА / агенции
9 јули 2022

Протестите против тешката економска криза во Шри Ланка ескалираа со упад на група демонстранти во седиштето на претседателот во престолнината Коломбо. Претседателот е пренесен на безбедно место

https://p.dw.com/p/4DtVq
Sri Lanka | Proteste gegen die Regierung im Präsidentenpalast
Фотографија: News Cutter/REUTERS

Десетици илјади луѓе се собрале денеска во главниот град на Шри Ланка, Коломбо, барајќи оставка од претседателот на државата, Готабаја Раџапакса и на владата. Полицијата употребила солзавец против демонстрантите, што се гледа и на снимки прикажани на телевизија. Во растерување на демонстраните и смирување на немирите се ангажирани и војници, се вели во извештаите.

Претседателот Готајаба Раџапакса морал да биде евакуиран од претседателската палата поради упадот на разјарена толпа демонстранти.

Островската држава  јужно од Индија, со своите околу 22 милиони жители ја преживува својата најкатастрофална економска криза по повеќе децении. На енормно задолжената земја ѝ недостигаат пари за набавка и увоз на важни продукти, како енергенси и лекови. Залихите на гориво се доволни само за неколкудневно функционирање на виталните служби, како снабдување со храна и здравство. Обичните граѓани веќе не можат да наточат гориво. Шри Ланка, наоѓајќи се во очајна положба, се обрати за помош до Меѓународниот монетарен фонд и до повеќе држави, меѓудругото упати и понизни молби до Русија, молејќи за испорака на енергенси и доаѓање руски туристи во земјата.

Соочена со постојаните протести во изминатите неколку недели, владата вчера воведе неограничен полициски час, но под притисок на граѓански иницијативи, адвокати и будистички свештеници, кои ги поддржуваат протестите, ја повлече забраната.