1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посланието на Блаже Конески до Македонците

15 февруари 2021

Да се биде Македонец значи според Конески да се избере свесно товарот на противречната, трагична македонска историја. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3pMHp
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Неук, си мислев: па тие така случајно се јавуваат. А сега назад погледнувам, гледам – па тие ме обврзуваат!“ Со ваква чудесна скромност, но и восхит за творештвото  може да говори само „строгата и проста македонска песна“ на Блаже Конески. Во тие два стиха од песната „Песните“, тој во кус изрек, кој толку потсетува на  народната мудрост, не‘ поучува дека делата не го обврзуваат само авторот. Особено затоа што Конески сиот живот го посвети на научното втемелување на  посебноста на јазикот и на националноста на Македонците, неговото творештво нѐ обврзува во особена мера нас, неговите наследници. На крајот на оваа година ќе се исполни цел век од неговото раѓање на 19-ти декември 1921-та во Небрегово. Тоа значи, оваа година  е посветена на паметењето и на чествувањето на неговото дело. Колку што е симболика, толку е и иронија на балканската историја што и по сто години од неговото раѓање, Македонците повторно  ја бранат  не само посебноста на македонскиот јазик и на македонската националност, туку  и  правото на нив – и тоа пред сета европска јавност! Македонските политичари во оваа година се наоѓаат пред тешката задача да го уверат бугарскиот државен врв да го повлече ветото.

Blaze Koneski Denkmal Gedenkfeier
Споменик на Блаже Конески во СкопјеФотографија: MIA

Сепак, денес не е истата ситуација како  онаа од 1945-тата, кога Конески го започна своето научно и творечко дело. Македонците денес ја поседуваат парадигмата според која можат да ја одбранат својата посебност. Им ја нуди токму делото на великанот Блаже Конески. Со тоа тие ја продолжуваат задачата која тој ја избра за себе. Тој, кој  на студиите помина по истиот пат  како Крсте П. Мисирков преку Белград и Софија, раскажува во една пригода колку се радувале македонските студенти како него, кога Страшо Пинџур 1939-тата од Загреб во куферот ги донел  во Белград примероците од „Бели мугри“ на Кочо Рацин. Додека, пак, клучното дело за стандардизацијата на македонскиот јазик, „За македонските работи“ на Мисирков, тој го држел првпат в рака дури 1945-тата, една година откако ги завршил 1944-тата студиите по славистика во Софија. Изборот на животната задача  произлегува од  свеста на Конески за трагичноста на македонската историја. Напати, особено во поезијата, кај него прозвучува  и мотивот на „обележаноста" за страдање на Македонците. Имено, дури и долги години по војната, тој во  песната „Спомен по многу години“ пишува дека имал неполни дваесет години кога првпат напишал: „така рикаше маката во мене дека сум роден во смачкано племе.“ И продолжува, велејќи дека во него и по години „уште рика истата мака". Меѓутоа, веќе во следниот стих тој ја изразува надежта дека не бил случајно, „подложен  на таков искус и на таква мака“.

Во   песната  „Григор Прличев“  Конески  уште појасно ја изговара „избраноста“ – Прличева и своја –  да ја  „истрада“ маката на „смачканото племе“.  Прличев, како и самиот Конески е „бележен со некој пален знак...“ Сето творештво на Конески е изрек на тоа „молчаливо и тврдо“ носење врз своите плеќи на  „сета невола и тага и сета ропска потиштеност грда на еден народ..." Конески е роден среде „ропската потиштеност“ на македонскиот народ. По Балканските војни на територијата на Македонија беа поставени нови државни граници. Тие  ја раскажуваат повеста  за „маката на смачканото племе“ во кое е роден Блаже Конески. Колку е длабока неговата творечка, културна и хуманистичка интуиција говори неговото клучно сознание за македонскиот јазик кој, според него,  е единствената „целокупна  татковина“ на македонскиот народ.  Длабочината на миротворната визија на Конески положена во оваа мисла, станува јасна кога ќе се спореди со  асимилаторските практики на соседните народи, за кои јазикот во балканското минато бил средство за освојување на територии. Македонскиот јазик во сфаќањето  на Конески не сонува  за освојување  на територии. Затоа што токму од трагичното минато на Македонија тој знае дека од тој сон Балканот секогаш се будел само во нова војна. Напротив, јазикот во визијата на Конески станува симбол за спасот, слично на Ноевата арка, во која може во јазичното паметење да се спасат и сочуваат  историјата и преданијата, приказните и  песните на македонскиот народ. И имињата на предците во безимените гробови зад новите балкански граници. Литературата, како полнота на јазичното творештво, за Македонците во духот на Конески е спасително паметење.

Да се биде Македонец значи според Конески да се избере свесно товарот на противречната, трагична македонска историја. Токму затоа тој, надоврзувајќи се на истакнатите претставници од Преродбата, на Учебникарите од почетокот и од средината на 19-от век, на Мисирков и на литературните творци како Кочо Рацин од периодот меѓу двете светски војни, целосно се посветува на одбраната на посебноста на македонскиот јазик. Тој учествувал не само во историските настани со кои се поставиле темелите на македонската држава. А тоа е, пред се‘, кодификацијата на македонскиот литературен јазик и создавањето на азбуката, на правописот, на граматиката. Коневски бил основач и на сите значајни културни и научни институции во Македонија.Тој целосно се вградил себеси во темелите на македонската национална култура, наука и образование. Тој, со нему својствената скромност, вели дека тогаш морала да се создаде „живата снага на нашиот јазик“, а тоа можело да се  оствари само со развивањето на нашата култура во сите области. Можеби би било полезно актуелните македонски политичари барем во оваа јубилејна година да го препрочитаат Конески, за да сфатат каков завет им оставил тој? Имено, дека со македонскиот јазик, и со се‘ што е кажано и напишано на него, се приближуваме кон нашата „идеална татковина“. Токму затоа Георги Старделов рече во едно слово за Конески дека тој е личност во која се огледува духовниот континуитет на македонскиот народ.

Други колумни од авторката:

Јосиф Бродски за јазикот, литературата и политиката

Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија

Снежнобелата одаја и магијата на скандинавскиот дизајн

Во песната „Послание“  Конески  ја опеа „жилавоста“, вечноста на земјата на која опстојува „смачканото племе“. Петре М. Андреевски ја избра метафората со тревата „пиреј“ за да ја опише „жилавоста“ на македонскиот народ, а Славко Јаневски приказната за луцидноста на жителите во селото Кукулино. Конески пак  ја опева вечноста на земјата Македонија! Таа која молчи и трпи, памети и не заборава. А тревата станува симбол за маката на луѓето што се газени и поробувани. „Ние луѓето сме како тревана – ја газат, се задушува, гине, само земјата останува“.  Конески верува во силата на земјата која доживела и издржала многу  нешта. Од неа тргнал поход кон Инд, а по стариот римски пат Виа Игнација Цицерон одел  во прогонство во Солун. „И сепак, зар не доживела таа униженија? Зар можело без тоа до зрелоста? Сето е предвидено – ние си одиме, а земјата останува.“ Тие „униженија“ ги искусија и денешните Македонци, а само од нивната мудрост и достоинство ќе зависи дали тие ќе им помогнат да „созреат“. И Конески ги доживеа „униженијата“ на патот кон  македонската самостојност. Почина кусо откако Грција стави вето за името. Таа земја која останува откако ќе пропаднат царствата и ќе се распаднат државите, таа земја во песната на Конески е Македонија. Не како држава, не како политичка формација, туку како територијата врз коа се одигрувала долга, сложена, но и толку богата историја. На нејзиното богато и долго минато имаат право сите народи кои живееле или живеат на нејзината почва. Кога балканските соседи на Македонците еден ден би ја прочитале поезијата на Конески, тие би ги согледале и величината и богатството на регионот Македонија, кој е постар и од средновековните царствата и од модерните национални  држави на балканските народи, но токму затоа  тој е богата ризница од минати преданија и култури. 

За да се сознае тоа треба да се поседува скромноста на творецот Конески, кој за своите песни вели дека ги збирал од „дрвото на животот“. Притоа знаејќи дека добрите познавачи на христијанската теологија ќе ја разгатнат неговата шифра. Тие знаат дека „дрвото на животот“ е симбол за Бог, за Христос, за „изгубениот рај“. Од рајот, истекува „небеската река“ („живата вода“ на Светиот Дух) за која во истоимената песна  Конески вели  дека  „една браздичка“ од неа тече и во „неговата душа.“ Само затоа неговата вдахновена душа ја  создава песната со истата скромност како онаа на везилката, која везе „проста и строга македонска песна“. Само поет како Конески можел парадигмата на творештвото да ја  препознае во скромноста на везилките. Затоа можел, опишувајќи го творештвото како мистично   доживување, да напише дека тој песната „Тешкото“, на своите 25 години, не ја создал, туку само ја „открил“. Со право вели Славко Јаневски, „Блаже никогаш не ќе е минато!“ Тој е и денес со нас. Посилно од кога било досега!  

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.