1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Поместуваат граници, освојуват врвови: успешните во 2019!

1 јануари 2020

Посветени на она што го работат, стануваат пример и модел на однесување во општеството. Кои лица ја одбележаа 2019 година?

https://p.dw.com/p/3VZ3o
Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm, Filmemacher des "Land des Honigs"
Екипата на „Медена земја“Фотографија: Petr Stojanovski

Поради обичајот да дозволуваме политиката да ги узрира насловните страници и ударните тв-термини, често пати хероите на нашето време остануваат надвор од радарот на јавноста, или барем недоволно застапени според учинокот кој заслужил почит. Во избор на Дојче веле ги истакнуваме личностите кои во 2019 година ги поместуваа границите на возможното, кои станаа слика за одговорноста и посветеноста на она што го работат, и посакуван и почитуван модел на однесување за сите во општеството.

Доктор Виктор Камнар, хирург ортопед

„Чуда се можни на Клиниката за ортопедски болести“, „Неповижно лице на нозе ја напушти Клиниката“... Ова се само дел од насловите, кои сведочат зошто скопската Клиника за ортопедски болести се вбројува во редот на најреномираните во регионот и пошироко. Зад нив стои и хируршкиот потпис на доктор Виктор Камнар, чии успеси не се случајни. Се должат на сериозна едукација, постојано надградување и следење на сите нови трендови во третманот на ортопедските болести. Вградување вештачки колкови и зглобови, издолжување на екстермитети, успешно третирање на вродени или стакнати деформитети, мега - комплексни операции...

Nord-Mazedonien l Viktor Kamnar, mazedonischer Orthopäde und Unfallchirurg
Виктор КамнарФотографија: Petr Stojanovski

Тоа се предизвиците кои го диктираат неговото секојдневие во операционата сала. Во пракса ги спроведува најновите оперативни методи во оваа област, поради кои оваа клиника е рамо до рамо со реномирани здравствени центри. Иако е чест и гостин на врвни здравствени институции во светот, неговите познавања во оваа област планира и натаму да ги практикува во земјава. Тоа го чувства како должност кон земјата во која се образовал, поради задоволството што работи со одличен тим, но најмногу поради радоста во очите на пациентите по успешните оперативни зафати кои за нив значат живот.

Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland)

Во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, документарниот филм „Медена земја“, една година се движи по своите медени патеки. Филмот кој досега освои десетици награди на најпрестижните филмски фестивали, номиниран е за „Оскар“ во две категориии: за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Победите почна да ги ниже на престижниот „Санденс“ кога се закити со признанија во три категории: Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов, како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm, Filmemacher des "Land des Honigs"
Фотографија: Petr Stojanovski

Во низата награди е признанието од „Њујорк тајмс“ за најдобар филм во 2019 година, две признанија на Интернационалните документарни награди во Лос Анџелес, најдобар документарец според њујоршките филмски критичари. Неверојатната наративност и кинематографија со која се прикажува една заедница која живее на маргините на општеството, прераснува во фасцинантен портрет на една извонредна жена. Критичарите не ги штедат најпофалните зборови за овој филм. Приказната за Атиџе, последната пчеларка во Европа која се соочува со сериозен предизвик кога треба да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа, денес со сигурност чекори на патот кон „Оскарите“. 

 Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје

За никого не беше изненување кога во септември претседателот Стево Пендаровски со „Медал за храброст“ одликуваше осум припадници на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. Беа наградени поради покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност при справувањето со пожар во зграда во Општина Кисела Вода, со што навреме беа извлечени загрозените станари. На бригадата, пак, и беше доделено и признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ за посветено извршување на задачите при гаснење пожари на подрачјето на Скопје. Заслужено.

Nord-Mazedonien l Feuerwehrbrigade des Stadt Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Секогаш кога огнената стихија го вклучуваше алармот, тие покажуваа вонредни напори. Би рекле - тоа им е работа, но ако се имаат предвид и кадровските и технички ресурси со кои располагаат, може да се каже дека исклучиво со лична пожртвуваност ги надминуваа и компензираа другите пречки до целта. Минатата година беа „тестирани“ на секој можен начин - од справување со бројни пожари, до тешката автобуска несреќа кај Ласкарци, каде помагаа во извлекувањето на настраданите патници. Дел од нив заедно со пожарникари од други општини својата пожртвуваност ја покажаа и по неодамнешниот земјострес што ја погоди Албанија, каде учествува во извлекувањето и спасувањето на повредените во земјотресот и во расчистување на урнатините од оштетените објекти.

Гра­ѓан­ска ини­ци­ја­ти­ва „Не биди ѓубре“

Додека некои само критикуваат, „Не биди ѓубре“ - дејствуваат! „Наоружани“ со кеси за смет, на дело покажуваат како и граѓаните самите може да при­до­не­сат за својата сре­ди­на, да го соберат она што некој го фрлил вчера во тревник, на тротоар, на улица, пред институција, и да поттикнат - истото да не се случи утре! Истовремено, одржувааат јавна лекција дека и надлежните служби треба да си ја за­вршат ра­бо­та­та за која се платени од граѓаните.

Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm Land des Hongis -
Фотографија: Petr Stojanovski

Нивните акции наликуваат на истакнување јавно општествено огледало: повикуваат да погледнеме во него, за да го видиме одразот на нашиот однос кон средината во која живееме. За тоа каква е сликата во огледалото, најилустративно говорат неброените вреќи со смет собрани на крајот од секоја нивна акција. Според енер­ги­ја­та што ја но­си во однос на мо­би­ли­зи­ра­ње­то на гра­ѓа­ни­те, „Не би­ди ѓу­бре“ е ед­на од највлијателните гра­ѓански ини­ци­ја­тив­и за будење на све­ста кај граѓаните и ин­сти­ту­ци­и­те. Ќе бидат најсреќни ако нивната мисија трае што пократко, што би значело дека лекцијата е научена, и сметот депониран на вистинското место.

Илина Арсова - освојувач на врвови

Кога утрото на 28 декември 2019 година го искачи врвот Винсон (4.892) на Антарктикот и го развеа македонското знаме, со радост соопшти: Мисијата „седум врвови“ е завршена. Со искачувањето на овој врв, Арсова стана првата Македонка која успеа да ги искачи сите седум највисоки врвови на седумте континенти. Иако последниот врв е најнискиот во низата, вели дека тој е истовремено и најизолираниот, најстудениот и еден од најсериозните за искачување.

Nord-Mazedonien l Ilina Arsova, mazedonische Alpinistin
Илина АрсоваФотографија: Petr Stojanovski

Кога во 2011 година го искачила првиот врв Аконкагва, не можела да претпостави дека еден ден успешно ќе го искачи сите седум. Зад неа остануваат многу освоени „монт еверести“, како синоним за упорноста да се тестираа сопствената издрживост, моќ и волја. Арсова, не само што ја вброи Република Северна Македонија како земја со свој женски претставник во светскиот планинарски предизвик „седум врвови“, туку е и вистински симбол за кршење на стеротипите по прашањата кои работи се иманентни за „понежниот", а кои за „посилниот пол". Но, и синионим за поривот кон височините, како симбол на врвни достигнувања во секоја област.