1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реконструкција на владата - ПР трик или вистински пресврт?

Бартош Дудек
10 јануари 2018

Полскиот премиер Моравјецки направи реконструкција на владата. Големо изненадување беше тоа што еден министер, кој важеше за недопирлив, мораше да си замине. Први сигнали од Варшава за прагматична промена на курсот?

https://p.dw.com/p/2qbcJ
Polen Vereidigungszeremonie neue Regierung in Warschau
Фотографија: Reuters/K. Pempel

Ова е прва и најголема реконструкција на владата во Полска, откако националниот конзервативен камп дојде на власт есента 2015 година. „Ние не сакаме да бидеме догматични, доктринарни, ниту влада на екстреми ... Сакаме да формираме влада, која ја поврзува економијата со општеството, но, исто така, и европската перспектива со нашето полско и локално“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки вчера попладне (9.1.) на свечената церемонија на полагање заклетва на новите министри во претседателската палата во Варшава. Домаќинот, претседателот на државата Анджеј Дуда, на барање на Моравјецки претходно разреши вкупно осум министри. Несомнено ова е политичката победа и на Дуда. Впечатливо беше отсуството на церемонијата на Јарослав Качински, претседател на владејачката партија Право и правда (ПиС). Тој важи за вистински владетел во Полска. 

Повеќе на темата:

-(Не)возможната мисија на Моравјецки

-Чадната завеса на Качински

-Дали Моравјецки ќе ја извлече Полска од изолација?

Крајот на недопирливите

Најголемо изненадување веројатно е разрешувањето на министерот за одбрана, Антони Мацјеревич. Тој долго важеше за втор најмоќен политичар во Полска по лидерот на ПиС, Качински - и поради тоа за недопирлив. Неговата специјалност, потрагата по комунистички клики, неговата наклонетост кон теориите на заговор и неговата блискост кон ултраконзервативната радио станица „Радио Марија", го направија водечка вигура на национално-католичките кругови.

Antoni Macierewicz Polen Warschau
Досегашниот министер за одбрана МацјеревичФотографија: Imago/Eastnews

Во конфликтот, кој тлее со месеци, со младиот претседател на државата, кој исто така е и врховен командант на вооружените сили, Мацјеревич очигледно се прецени себеси. Не е исклучено неговото разрешување - како и изненадувачката промена на чело на владата во декември - да беше резултат на големата спогодба меѓу Дуда и Качински: нов премиер, реконструкција на владата и оддалечување од десниот раб кон центарот, а за возврат претседателскиот потпис на контроверзните закони за реформи на правосудството. Претседателот Дуда, кој долго време беше исмејуван како марионета на Качински, покажа дека исто така владее со основите на политичката трговија.

Стручњаци наместо идеолози

И навистина, новите лица на владата на Моравиецки, како што се министерот за надворешни работи, Јацек Чапутович, министерката за финансии, Тереза Червинска, или министерот за инвестиции, Јержи Квјецински, не се идеолози, туку солидни стручњаци. Сепак, Качински очигледно се  погрижи за тоа со Јоахим Бруџински како нов министер за внатрешни работи и со Мариуш Блашчак - кој од врвот на министерството за внатрешни работи се пресели во министерството за одбрана - најлојалните партиски војници на ПиС да му бидат верна сенка на младиот премиер.

Посебно деликатно во реконструираната влада е едно кадровско решение. Беата Шидло, поранешната премиерка која е особено популарна во провинцијата, сега ја извршува функцијата на заменичка на претседателот на владата. Таа очигледно не само што треба да внимава на Моравјецки, туку важи и за потенцијална противкандидатка на Дуда на наредните претседателски избори: како опомена и дисциплинска мерка за актуелниот шеф на државата.

Гестови на отворање

Моментот на реконструкција на владата во Варшава се чини дека не е случајно избран. На крајот на 2017 година Европската комисија отвори кривична постапка против Полска поради повреди на владеењето на правото. Повеќе претставници на ЕУ дури говореа за можно кратење на средствата од ЕУ за Полска - меѓу другите и Франс Тимерманс, потпретседател на Европската комисија, во интервју дадено на редакцијата на полски јазик на ДВ.

Шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер вчеравечер го пречека Моравјецки на работна вечера во Брисел. Двајцата по средбата соопштија дека имале интензивна размена на мислења во пријателска атмосфера. Било договорено и започнување на разговори со цел до крајот на февруари да биде постигнат напредок.

Belgien EU Jean Claude Juncker und Mateusz Morawiecki in Brüssel
Матеуш Моравјецки и Жан-Клод ЈункерФотографија: picture-alliance/abaca/D. Aydemir

Одлучувачкото прашање сега гласи: станува ли збор само за ПР-трик или за темелна промена на курсот на Полска. Едно нешто меѓутоа е сигурно: со двоецот Дуда-Моравјецки се чини дека се споиле двајца политичари, кои се умерено конзервативни и прагматични. Тие се новиот лик на национал-конзервативните и мала надеж за политички поделената земја. Добар совет за Брисел сега би бил наместо да опстојува на заканите, да ја искористи шансата за нов почеток. Истото важи и за Берлин: новиот министер за надворешни работи на Полска во неговата прва изјава по преземањето на функцијата најави дека првото патување во странство ќе му биде во Софија (Бугарија во моментов претседава со ЕУ) а второто во Берлин. И додаде: Германија е важен партнер на Полска. Значи од Варшава сепак почна да дува свеж ветер?