1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покажете повеќе храброст, господине Штајнмајер!

14 февруари 2022

Претседателот кој од 2017 е на таа функција, ќе остане на истото место до 2027. Досега ја водеше Германија без да „бранува”, но тоа сега мора да се смени, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/46zLF
Франк-Валтер Штајнмајер може слободно подинамично да ја интерпретира функцијата претседател на Германија
Франк-Валтер Штајнмајер може слободно подинамично да ја интерпретира функцијата претседател на ГерманијаФотографија: Mohssen Assanimoghaddam/dpa/picture alliance

Дали е одраз на непочитување ако го опишеме Франк-Валтер Штајнмајер како неупадлив? Не, ниту кон неговата личност, ниту кон неговата функција - претседател на Германија. Од човек на тоа место може да се очекува да остави некаков белег на кој ќе се потсетуваме. Сојузен претседател смее да поттикне и контроверзи, понекогаш дури и мора тоа да го стори, особено ако политиката и општеството се дезориентирани.

Три примери, три прашања: зошто Германија во корона-пандемијата не се залага за поголема правда во однос на вакцинирањето во светот? Што да се преземе за очајните бегалци да не се дават во Средоземно море? Како да се спречи војна во Европа? Никој од Штајнмајер не очекува готово решение за овие и други трагедии. За тоа се задолжени владата, парламентот и правосудните органи. Претседателот е над нив и во тесна смисла треба да се држи надвор од дневната политика.

Да се заземе став по примерот на Рихард фон Вајцзекер

Но, во неговите Божиќни обраќања, говори и дебати треба почесто да ги тестира тесните граници на неговата примарно репрезентативна функција, онака како што тоа го направи Рихард фон Вајцзекер во 1985 во неговиот говор по повод 40 години од крајот на Втората Светска Војна. Тој тогаш безусловната капитулација на Хитлерска Германија, тоталниот воен пораз го опиша како „Ден на ослободувањето” и на себе го навлече бесот на сите конзервативни кругови. Не би било фер сите натамошни претседатели да ги мериме според историската заслуга на фон Вајцзекер. Времињата и предизвиците се разликуваат и тешко може да се споредуваат. Но, проблеми и тензии секогаш постојат. На еден претседател не му е забрането во такви услови јасно да заземе став.

Кристијан Вулф покажа храброст со Исламот

Кристијан Вулф, слично нехаризматичен како и Штајнмајер, кој подоцна по невидена медиумска хајка се повлече од функцијата, во говорот за 20-годишнината од германското обединување во 2010 рече: „Христијанството без дилеми е составен дел од Германија. Еврејството без дилеми е составен дел од Германија. Тоа е нашата христијанско-еврејска историја. Но, и Исламот сега веќе е дел од Германија."

Марсел Фирстенау, автор на коментарот
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Вулф со централната изјава предизвика општествено-политичка дебата која од денешна гледна точка делува апсурдна. Нему му успеа потфатот како да скрши табу тема, така и во исламските милјеа да биде перцепиран како еден од нивните. Тоа и не е така лоша оставштина за еден сојузен претседател кој само 20 месеци имаше можност да владее во дворецот Белви.

Силната страна на Штајнмајер: умее да сослуша

Штајнмајер во тоа убаво опкружување сега може да остане уште пет години и да прима дипломати за новогодишни прослави и на летни собиранки да разговара со луѓе од сите општествени слоеви за сѐ и сешто. А, тоа го умее: да сослуша, на пример како издржуваат во услови на пандемија или како се ангажираат во борбата против омразата и насилството. И надвор од границите тој си заслужи почит во ситуации кога на пример зборува за Холокаустот. Колкав потенцијал всушност има во него, Штајнмајер ретко кога покажал. Впечатлив беше неговиот говор во кој се заблагодари за изборот на наследник на Јоахим Гаук во 2017 година. „Храброст за Европа” бараше тој и им најави војна на сите популисти во светот. И со неговиот итен апел упатен до германската политика, за обединетост во борбата против коронавирусот во 2021 за момент го привлече вниманието на сите.

Само да се модерира и укорува на долг рок не е доволно

Но, сепак има празен простор што мора да го пополни во вториот мандат. Поттик ригорозно да се справиме со скандалозните услови во Германија и во светот, а такви има многу. Во сопствениот двор тоа може да биде сиромаштијата која не може да се превиди и која споредена во меѓународни рамки можеби изгледа мала, но со оглед на богатството во општеството сепак е “безобразна”. Глобални теми би биле климатската криза или трговијата со оружје која зема замав. За такви и други теми Штајнмајер, претседателот на сите луѓе кои живеат во Германија, би требало погласно да зазема став.

Да се повикаат на совест политиката, економијата и општеството не би било неумесно мешање на претседател кој е обврзан да биде неутрален. Еден претседател кој за големите теми на нашето време често само модерира, укорува, но ретко кога нешто бара, на долг рок би бил разочарување.

Можеби Путин ги разбира сигналите

Но, има први знаци дека нешто може да се смени на таа воздржаност. Во неговиот говор по реизборот Штајнмајер упати јасно предупредување до провокаторот Путин и го поврза со понуда за дијалог за спас на мирот во Европа. Вреди да се вложат сите напори за да се постигне таа цел. Тоа подразбира и храброст да се мешаш во работите и да се кажат директно непријатните нешта. Во таа смисла: имајте повеќе храброст, господине Штајнмајер!