1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер е подготвен за уште еден мандат

Јенс Јенсен
28 мај 2021

Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и официјално изрази подготвеност за уште еден мандат. „Сакам да ја придружувам земјата на патот кон иднината“, рече тој во Берлин.

https://p.dw.com/p/3u6pJ
Bundespräsident Frank-Walter Steinmeier
Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Германскиот претседател е подготвен за втор мандат. Франк-Валтер Штајнмајер на прес-конференција во Берлин денеска изјави: „Сакам да ја придружувам земјата на патот кон иднината.“

Според Штајнмајер, Германија денес е на „пресвртница“, потешкиот период со пандемијата. Корона-кризата „отвори длабоки рани“ и „донесе страдање и тага“, рече тој, додавајќи дека сака „да помогне за заздравување на раните“.

„Не сакам пандемијата да нѐ остави поделени, недоверливи или плашливи како општество“, рече Претседателот, според кого во изминатите месеци станало јасно „колку сме ранливи“ и дека кога е тешко „сме упатени на другите и другите на нас“. Врз ваквото „елементарно искуство“ би требало да се гради иднината, уверен е Штајнмајер.

Канцеларката Ангела Меркел реагираше индиректно на изјавите на Штајнмајер. Нејзиниот портпарол Штефен Зајберт рече дека Меркел денеска изутрина разговарала со Штајнмајер. Таа има „голем респект“ кон него и неговата функција и „денешната најава стои за себе“.

Политичкиот подем на 65-годишниот Штајнмајер долги години се одвиваше додека тој чекореше на страната на поранешниот канцелар Герхард Шредер. Како претседател на државата Штајнмајер е на најголема можна дистанца од својата партија СПД.

Во вторникот, политичарот на Левицата, Бодо Рамелов, се изјасни за реизбор на Штајнмајер во февруари 2022 година. Според него, Штајнмајер работи добро и „добро ја водеше земјата во тешката фаза на пандемијата“, изјави Рамелов за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.Во 2017 година Левица гласаше против социјалдемократот Штајнмајер и во трка за претседателската функција испрати свој кандидат. Во меѓувреме, меѓутоа, како што вели Рамелов, тој го променил ставот и сака да ја замоли својата партија да му даде поддршка на Штајнмајер.

Лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, како и други либерали, исто така изразија поддршка и сметаат дека Штајнмајер треба да биде реизбран на функцијата.