1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Поделбата нема да ги реши проблемите на Косово“

Аида Цама
23 октомври 2018

Советникот на косовската Влада, Дејвид Филипс во интервју за ДВ вели дека поднел оставка на функцијата поради плановите за поделба на поранешната српска покраина. Тој смета дека тие планови му штетат на Косово

https://p.dw.com/p/371CJ
Kosovo 10 Jahre Unabhängigkeit
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Професорот на Колумбија Универзитетот и поранешен американски дипломат Дејвид Филипс вели дека многу нешта околу преговорите меѓу Приштина и Белград се нејасни и тајни. Тој вели дека самата дискусија за поделба на Косово и размена на територии ѝ штети на државата од аспект на нејзиното натамошно признавање.

ДВ: Дали ваквата нејасна ситуација Ве натера да си поднесете оставка како советник на косовската влада?

Филипс: Ѝ ја понудив мојата оставка на владата. Владата сѐ уште не ми одговорила. Но нема да бидам дел од било какви преговори кои одат во насока на поделба на земјата. Мислам дека тоа не е ефективна стратегија. Не мислам дека поделбата ќе му помогне на Косово да ги оствари своите цели: да добие признавање од Србија, да добие признавање од петте земји-членки на ЕУ кои досега тоа не го сторија, и да ги убеди Русија и Кина да го отстранат ветото во Советот за безбедност на ОН. За мене, промената на границите е идеја која нема да го има посакуваниот исход на нормализација.

ДВ: Неодамна во една анализа напишавте дека се залагате за децентрализација наместо за поделба на Косово. Но проблемот на Косово не се човековите права, туку неговиот статус...

 Филипс: Проблемот на Косово е Србија. Србија одбива да прифати дека го загуби Косово и дека тоа е независно и суверено. Косово никогаш веќе нема да се врати под контрола на Србија. Србија блокира насекаде. Се додека Србија прави опструкции ќе биде исклучена од ЕУ. Поглавјето 35 (од преговорите со ЕУ, н.з.) бара нормализација на односите меѓу двете земји за Србија да може да напредува кон ЕУ.

ДВ: Некои медиуми шпекулираа дека идејата се родила по средбата на Ивица Дачиќ и Џаред Кушнер...

Филипс: Никој друг не беше на средбите на Џаред Кушнер со Дачиќ и Брнабиќ. Оттука не знаеме за што разговарале. Знаеме дека Дачиќ даде изјава по средбата дека „сите опции се на маса“. Поделбата на Косово одамна е на маса. Идејата потекна од Добрица Чосиќ и Српската академија на науки. Вук Драшковиќ ја поддржуваше кога беше министер за надворешни работи. Сега Дачиќ е главен промотор на поделбата. Не знаеме дали се работи за нова идеја или рециклирање на старата.

David L. Phillips
Поделбата нема да му помогне на Косово да ги оствари своите цели, вели Дејвид ФилипсФотографија: DW/A. Cama

ДВ: Што точно сака Србија?

Филипс: Србија ги бара териториите северно од реката Ибар, компензација за инвестициите и објектите во Косово, специјална заштита за малцинствата и за православната култура. Не сум видел пишан предлог од Србија за ова. Сум видел белешки од некои состаноци. Но нејасно е. Што добива Косово во замена за 20 проценти од својата територија? Ќе го признае ли Србија? Што е со Шпанија која е проблематична? Москва секако не прима наредби од Белград. Оттука, што ќе се случува во Советот за безбедност на ОН? Не знаеме. Знам дека преговори не можат да се водат врз база на фантазии. Преговорите мора да се базираат врз реалност. Мора да биде олеснувани од меѓународни медијатори и мора да постои мониторинг на имплементацијата и спроведувањето, вклучително и казнени мерки доколку некоја од страните не се придржува. Не ми се чини дека дијалогот Србија-Косово ги следи овие правила.

ДВ: Дали тоа значи дека Косово е денес всушност онаму каде беше и еден ден по прогласувањето на независноста?

Дебатата во рамките на Косово за поделбата е голема пречка. Ниту една нова земја нема да го признае Косово додека се води оваа дискусија. Косово има поважни работи: да обезбеди подобри услуги и добро владеење за граѓаните и да се бори против корупцијата. Оваа дебата за поделбата не може понатаму да продолжи. Поминаа многу години и Косово мора да биде интегрирано во меѓународниот систем. Треба да стане дел од евро-атлантските институции, вклучително и во организации како Интерпол. Потребна му е визна либерализација.

Дејвид Филипс е директор на програмата за Мир и права на Институтот за човекови права на Универзитетот Колумбија. Повеќе од 30 години е ангажиран во и околу Косово како американски дипломат и како претставник на тинк-тенк организации.